ЗАОСТРЕНИ ОДНОСИ НА РЕЛАЦИЈА СРБИЈА-ЦРНА ГОРА

Иринеј му порача на Ѓукановиќ: Ниту Турците ниту комунистите не ја уништија СПЦ, дојдоа Црногорците да ја уништат српската црква во Црна Гора.- Дачиќ: Не можам да верувам дека некој ќе испрати полиција да го заземе манастирот Острог

234

Српско-црногорските односи сè повеќе се заоcтруваат. Последниот повод кој дополнително ги вжешти и онака кревките односи е усвојувањето на новиот Закон за слободата на вероисповедта и правниот статус на верските заедници во Црна Гора.

Со овој закон се предвидува дека сите верски заедници, вклучувајќи ја и Српската православна црква, мора да докажат дека имале сопственост над нивните имоти пред 1918 година или во спротивно ќе им бидат одземени.

Во „одбраната на светоста и на СПЦ“ во Црна Гора се вклучи и поглаварот на Српската православна црква, патријархот Иринеј.

Она што сега го прави и најавува дека ќе го направи претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, предизвикува зачуденост низ целиот свет. Бог нека му даде ум да размисли што прави и да не заслужи проклетство и оcуда од целиот српски народ и од Српската православна црква, изјави Иринеј на Јутјуб каналот на телевизијата Храм на СПЦ. Тој се прашува „што се Црногорците, ако не се Срби од Црна Гора“, додавајќи дека исто така постојат и Срби „Шумадинци, Војвоѓани, Личани, Босанци, Херцеговци и други“. Според Иринеј, жално е тоа што човекот кој е на „престолот на своите предци” го прави она што не го правеле ни Турците.

Турците не атакуваа на црковниот имот, ниту комунистите, ниту пак некој друг го правеше тоа. Но, дојде Црногорец да ја уништи српската црква во Црна Гора, која ја создаде Црна Гора и без која Црна Гора немаше да постои. Да не беше српската црква, тие ќе ја доживееја судбината на соседите од Призрен и ќе го примеа исламот и ќе загубеа сè од српскиот народ, изјави патријархот Иринеј, додавајќи дека „српскиот народ убаво кажал оти потурчените се полоши и од Турците“.

Во меѓувреме, СПЦ во храмот на „Христовото воскресение“ во Подгорица одржа собор наречен „Тројчиндански“, на кој митрополитот Амфилохие побара од црногорската Влада „во разумен рок“ да го повлече Предлог-законот за слобода на вероисповедта и да подготви нов, а пензионираниот епископ Атанасие порача „да не се провоцираат Херцеговците“, бидејќи во спротивно „ќе ги земе моштите на св. Василије Острошки“ од истоимениот манастир во Црна Гора.

Српскиот претседател Александар Вучиќ не сакаше да ги коментира одлуките на „Тројчинданскиот собор“, со цел, како што рече, да не создава „3ла кpв на кој било начин“. Реков што имав да кажам преку мала молба, која не само што не беше „услишена“, туку беше и презрена од страна на црногорските власти. Им благодарам на тоа, изјави Вучиќ.

И шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ се вклучи во „полемиката” за сопственоста над црковните имоти. Коментирајќи ја, како што рече, „намерата на Владата на Црна Гора да го присвои имотот на СПЦ”, Дачиќ за весникот Курир изјави дека „никој кој удрил по црквите не поминал добро”. – Ова се должи на фактот дека Црна Гора во својата желба да ја покаже црногорската државност, ги негира Србите, оцени тој.

Дачиќ потсети дека српскиот претседател Вучиќ говорел на многу пристоен начин со желба да ги избегне можните проблеми во меѓусебните односи. – Не можам да поверувам дека некој ќе испрати полиција да го заземе (манастирот) Острог. Не можам да верувам дека некој полицаец ќе се однесува како комунистите во 1945 година за да ја освои црквата, додаде Дачиќ. Тој нагласи дека во Црна Гора живеат над 30 отсто луѓе кои се изјаснуваат како Срби и живеат таму со векови.

– Кога Македонија го призна Косово, тие рекоа дека тоа мораат да го направат бидејќи таму живеат 30 отсто Албанци. Во Црна Гора живеат 30 отсто Срби и пак го признаа Косово. Што значи тоа? Како и да свртиш, само Србите ќе бидат оштетени, смета Дачиќ. Според него, Црна Гора го интересира од аспект на правата на Србите што живеат во земјата.– А дали таа ќе биде посебна држава или не, тоа е друго прашање. Впрочем, Србија и Црна Гора имаа повеќе различни државни форми во кои живееле, додаде шефот на српската дипломатија.

Тој оцени дека е далеку од тоа да се каже дека „Црногорците немаат право да се изјаснуваат како Црногорци, но дека ова изјаснување никогаш во историјата не значело меѓусебни судири и војни”.