СРЕДБАТА МЕЃУ СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА И ФИЛИПЧЕ – НОВИНА ВО КОМУНИКАЦИЈАТА МЕЃУ ПОЛИТИЧАРИТЕ
„Пријатна, пријателска и конструктивна…“, оваа оцена на лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, за првата средба со претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, може да значи и пресврт во односите меѓу опозицијата и шефот на државата. Средбата иницирана од Филипче, веднаш прифатена од Сиљановска-Давкова, а посветена на безбедноста во државата и на нејзината блокирана интеграција, по многу години и мандати е речиси прва комуникација меѓу двете страни на која не ѝ претходеа оспорувања, конфликти, навреди, дискредитаци… На ова укажуваат и политичките аналитичари, според кои средбата е позитивен чин, чин во рамките на демократските стандарди, чија примена треба да продолжи и за други важни државни прашања.
Аналитичарот Марко Трошановски од Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество смета дека првата средба покажала оти треба да се гради односот на државничко дејствување.
– Првиот впечаток е позитивен, би рекол дека дури и пред средбата, во периодот по изборите, односот на опозицијата е во доменот на политичката пристојност и демократската култура. Делегитимирањето на претседателската позиција и покрај демократскиот изборен исход, практика што беше честа во минатото, го поларизира и го антагонизира гласачкото тело, но, пред сè, ги уништува општественото ткиво и колективната свест за јавен и државен интерес. Ова треба да е пример за другите партии во опозиција и практика што треба да стане морална норма. Секако дека двете страни треба да градат однос на државничко дејствување – изјавува Трошановски за весникот ВЕЧЕР.
Претседателката Сиљановска-Давкова неодамна оствари средба и со Радмила Шекеринска, која, исто така, е од редовите на СДСМ, за да ѝ честита за изборот на значајната функција заменик генерален секретар на НАТО.
За аналитичарот Љуљзим Фаризи, оваа средба покажува дека се менуваат нештата во односот опозиција – шеф на држава.
– Добро е што опозицијата побара средба, а времето ќе ги покаже вистинските мотиви. Средбите со Филипче и со Шекеринска покажуваат дека Гордана Сиљановска-Давкова е многу побалансирана отколку што беа претходните шефови на државата. Таа, очигледно, сака да се наметне како претседател на сите граѓани. Тоа се чекори во стилот на „мајка на државата“. Таа сака да балансира и политички и етнички – вели аналитичарот за весникот ВЕЧЕР.
Односите меѓу раководствата на најголемите опозициски партии и шефовите на државата секогаш беа проблематични и конфликти, особено по изборот на новите претседатели. Практично, опозицијата досега не ги признаваше сите досегашни шефови на државата. Во 1994 година, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот кандидат за претседател, Љубиша Георгиевски, го оспорија легитимитетот на тогашниот претседател, Киро Глигоров. Енормната разлика во гласови добиени на изборите, во корист на Глигоров, беше третирана како резултат на масовен изборен фалсификат. Во 1999 година, по вториот изборен круг, новоизбраниот шеф на државата, Борис Трајковски, беше обвинет од тогаш опозицискиот СДСМ за „полнење кутии„ и за „договорен контингент гласови од Албанците“. Односот кон него го покажаа со тоа што уште првиот ден го нарекоа „граѓанинот Борис Трајковски“. Подоцна, по аферата „Големото уво“, СДСМ го смени односот кон Трајковски, со кого воспостави добар однос. Но, тоа предизвика тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, во една пригода да им се извини на гласачите што го предложиле за свој претседателски кандидат.
Подоцна, во 2009 година, кога на претседателските избори беше избран Бранко Црвенковски, предложен од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека е избран без доволен цензус и почна да го нарекува „господин Црвенковски“ и „лицето Б.Ц.“. И четвртиот шеф на државата, Ѓорге Иванов, по изборот во 2014 година, доживеа да биде непризнаен од тогашниот опозициски СДСМ, кој официјално соопшти дека „не го признава, бидејќи е избран на криминални, нефер и недемократски избори“. Оттаму, и кон Иванов следуваа опозициски обраќања, дека е „послушен партиски војник, се одзива на иницијалите Ѓ.И.“. Слична судбина имаше и Стево Пендаровски само една година по изборот за претседател во 2019 година. Во 2022 година, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ги „замрзнува односите“ со Пендаровски откако, според партијата, тој го прекршил Уставот со доделувањето на мандатот за формирање Влада на Зоран Заев. Таквиот однос запре во 2022 година, кога лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, имаше средба со Пендаровски, врзана за „крвавиот четврток“ и одговорноста за упадот во Собранието во 2017 година. Практично немаше мандат, а односите да беа нормални и демократски и се поставува прашањето зошто е такво македонското искуство.
– За да продолжат односите меѓу опозицијата и шефот на државата нормално, потребно е домашно воспитување и, пред сè, почит за достоинството на секоја индивидуа, формален образовен процес што ги учи идните генерации да ги почитуваат демократските институции дури и тогаш кога резултатот од политичките процеси што овие институции ги регулираат не е по нивна мера. И на крај, потребна е промена на начинот на избор и напредување на поединци во политичките партии или она што се нарекува внатрепартиска демократија. Сè додека во раководните структури или, пак, за државни функции се избираат кандидати по критериумот на лојалност и клиентелизам (на ти го, дај ми го принцип), а не на заслуги и стручност, политичкиот дијалог ќе го трујат поединци чиј политички инстинкт е на анимално ниво, да се преживее и да се уништи противникот, а не да се градат подобри политики низ критика, дијалог и заемно уважување – потенцира аналитичарот Марко Трошановски.
И Љуљзим Фаризи смета дека треба ова да биде нов модел.
– Оваа средба ќе биде модел за идните претседатели на државата да одат по истиот пат, во смисла да бидат претседатели на сите, согласно со Уставот и со законите. Порано претседателите биле слуги на партијата што ги предложила и избрала. Ова е нов стандард и е во духот на демократијата – смета Фаризи.
Согласност околу уставните промени
На средбата Сиљановска-Давкова – Филипче имаше согласност и околу уставните промени.
– Ја информирав претседателката дека во текот на преговорите, кога ги водеше СДСМ, сме се обидувале уставните измени да бидат со одложено дејство, меѓутоа тогаш не било прифатено тоа од бугарска страна, од раководството на тогашниот премиер Петков. Која било подобрена позиција – ние ќе ја поддржиме – рече Филипче.
Според аналитичарот Фаризи, и ова е добар сигнал.
– Добро е и тоа што опозицијата поддржува став околу уставните промени, тоа е сега декларативно, но, сепак, ќе видиме во иднина каков ќе биде односот – вели Фаризи. (Б.Ѓ.)