За јавната администрација продолжен викенд, за останатите неплатена прекувремена работа

Премиерот Зоран Заев вели дека не го поддржува ова, но предлогот бил на група граѓани и влегол во програмата на еден коалиционен партнер, па сега преку јавната дискусија на ЕНЕР треба да се слушне гласот на народот. „Гласен текстилец“ реагира дека со ова се прави дискриминација на вработените и бара нацртот на законот за административните службеници да се повлече

1101

 

 

Додека во приватниот сектор најчесто се работи и прекувремено, јавната администрација практично ќе добие продолжен викенд.

Ова ќе се случи ако се реализира предлогот за нов закон за административните службеници со кој е предвидено 36-часовно работно време за административците, со тоа што во петоците би работеле само четири часа. Нацртот на овој закон, изработен од Министерството за информатичко општество и администрација, е ставен на ЕНЕР и следува јавна дискусија.

Предлогот за новото работно време на јавната администрација всушност изненади, со оглед на тоа што претходно се најавуваше дека таа ќе работи двократно, за да одговори на потребите на граѓаните кои претпладне се на работа.

Вчера по овој предлог се изјасни премиерот Зоран Заев. Тој рече дека тоа не е добра идеја, но дошла од група граѓани која влегла во програма на коалиционен партнер на СДСМ.

-Ги знаете моите ставови и за севкупната продуктивност на населението, и за севкупната ефикасност и продуктивност на администрацијата. Јас јавно зборувам за овие прашања. Прво, како народ треба повеќе да работиме, а не помалку. Но, како ветување предизборно на политичките партиципиенти во власта, тој нацрт- закон сега е ставен на ЕНЕР, и допрва се отвора дискусија за ова прашање. Јас верувам дека граѓаните ќе си го кажат тоа што е реалноста во државата. А реалноста е, прво, ако сакаме сите тука швајцарски плати, треба да работиме многу повеќе од тоа што денеска го правиме, и тоа сите, јас тоа го кажувам почнувајќи од себе, па секако, за сите работници, и во приватниот и во јавниот сектор, рече Заев.

Тој додаде дека негов впечаток е дека граѓаните очекуваат администрацијата што тие ја плаќаат, да работи поефикасно, а не помалку.

Револтирани од самата идеја администрацијата, од која генерално се незадоволни, да работи покусо и тоа во ден пред викенд, граѓаните жестоко реагираат на социјалните мрежи. Меѓу другите, остро реагираше и „Гласен текстилец“, невладина организација која се залага за работничките права и пред се ги штити текстилните работнички кои за минимална плата работат прекувремено и најчесто без надоместот што законски им следува. Тие забележуваат дека овој предлог е дискриминаторски и се коси со уставно загарантираните права и слободи на граѓаните бидејќи тие треба да се еднакви пред Уставот и законите.

–Дека станува збор за дискриминаторски предлог Закон зборува и фактот што во членот 6 од Закон за работни односи работодавачот не смее барателот на вработување или работникот, да го става во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности, вели претседателката на „Гласен текстилец“ Кристина Ампева.

Таа прашува до кога државата планира дека ќе може да исплаќа плати, К15 за јавна администрација и пензии, ако цело време оние кои ја движат македонската економија, работниците од приватниот сектор се секогаш оние кои се помалку платени, злоупотребени и ставени во подредена положба.

-Разбирам дека е предизборие, дека треба да се добијат гласовите на јавната администрација, ама не е фер, не е одржливо и нема никаква суштина во таквите закони освен евидентна дискриминација кон огромна група граѓани кои се и мнозинство – овие од приватниот сектор, вели Ампева.

„Гласен текстилец“ го повика предлагачот да го повлече  предлогот на законот за административни службеници  бидејќи со него работниците се дискриминирани и ставени во нерамноправна положба.

Премиерот Заев, пак негира дека се работи за предизборен лов на гласови.

-Јас мислам дека со тоа не се добиваат гласови. Кога собирате идеи за пред избори, граѓаните даваат различни идеи, од една до друга крајност. И кога ги прифаќате и ставате во програма, ги нудите на одлучување преку ЕНЕР. Имаме одличен систем, преку ЕНЕР, преку социјалните мрежи и преку медиумите, да се каже за тие идеи. Неговото височество граѓанинот дал идеи, и тие е должност да ги претставиме. Но, не значи дека сите идеи се прифатливи за мнозинството граѓани, рече тој и потенцира дека со ова Владата покажува една разумност во слушањето на луѓето.

Според него во 2016 година во јавниот сектор имало 165 илјади вработени, а  сега ги има 132 илјади. Најголем дел од нив се во јавните државни или општински комунални претпријатија.

-Без полицијата во униформа, здравствените работници и без Армијата, вкупно околу 15 илјади луѓе работат во министерствата како јавна администрација. Но, многу работат во енергетските компании, железничките компании, патишта, водоводи, појасни Заев и додаде дека треба да се направи дополнителна рационализација, а Владата работи на тоа.

Тој очекува бројот да се намали од средината на наредната година кога се укинува можноста работниот однос да се продолжи до 67-годишна возраст, која најчесто ја користеа административците.

Инаку, сега работното време на јавната администрација е од 7:30 до 15:30 или од 8.30 до 16.30, а саботата и неделата за најголемиот дел се неработни денови. Лани поради пандемијата на работните места беа едвај 37-38 проценти од административците, а останатите седеа дома и примаа плата. Годинава првпат јавната администрација добива К-15.

(С.В.)