Средно Водно воопшто не личи на идеално место за рекреација на скопјани во овие пеколни летни денови.

Несовесни граѓани им се намерачиле на дрвените клупи и маси поставени таму за одмор и починка, па ги демолирале/искршиле/откорнале, до тој степен што некои од нив повеќе не се во употреба.

А состојбата околу контејнерите за фрлање ѓубре е посебна приказна. Некој(и) празните лименки пиво место во контејнерите ги фрлил(е) пред нив!

Фотографиите снимени викендов на средно Водно што ни ги пратија загрижени граѓани ја отсликуваат грдата слика за ова наше излетничко место кое е попатна станица за туристите кои со жичницата се искачуваат до Милениумскиот крст.

– Се прашувам овие луѓе што ли мислат со главите ? Дека направиле нешто добро или само се докажале колку им се исушени мозоците од премногу пушење, затоа што ова нормален човек не го прави. Мора да си издрогиран за да направиш ваква штета, оти трезен не бива. Јас лично трезен да би го правел тоа, би ми било срам, напушен би ми било сеедно што и да се случи – коментира еден посетител.

Скопјани сметаат дека на демолирањето на општото добро мора да му се стави крај.

Нека си бараат властите чаре како да си се справат со тоа. Искоренувањето на вандализмот по брза постапка е најдобро да се постават камери, па кој сака да плати казна нека си тренира сила врз клупите и масите. Во наше време имавме најразлични хобија што пасионирано ги практикувавме. Собиравме стари метални пари и поштенски марки, слики на фудбалери и актери, значки и салфети, лулиња и кукличиња, чибуци и сувенири, минијатурни шишиња на пијалаци, одевме на излети – лов и риболов, планинарења и спортувања. А сега во последниве две децении станаа големи промени. Сега од хоби вршиме дрогирања, силувања, кршиме автобуси, палиме знамиња, киднапираме, малтретираме, протестираме…и сме поблиску до Европа – вели еден повозрасен скопјанец.

Четиринаесет комплети дрвени маси со клупи беа поставени под дебелите сенки на средно Водно во текот на 2010 година, како и пет видиковци и други рекреативни елементи, за што Град Скопје издвои 1 милион денари. Масите и клупите беа изведени од природни, лесно обработени дебла, во рустик стил, со цел да се вклопат во природниот амбиент.
(С.Бл.) – Фото: Вечер