Жители на Средно и Горно Коњари бараат да се раскине концесијата за ископ на песок од Пчиња

366

Педесетина жителите  на Средно и Горно Коњари денеска излегоа на протест откако Управниот суд донел одлука на концесионерот да му ја врати концесијата за ископ на песок од коритото на реката Пчиња, заради тоа што како што велат „наводно“ неправилно му била одземена од Министерството за економија. Тие бараат под итно тој да престане со ископувањето, бидејќи остануваат, како што велат, и без вода и без земја, поточно без живот.

– Концесионерот продолжи да копа и дојде само на 50 метри од Средно Коњари, речиси до куќите. Револтирани од тоа жителите од Средно и Горно Коњари излегоа на протест. Само Министерството за животна средина има издадено три дозволи за „наводна“ регулација на течението на реката Пчиња, со што се предизвика еколошка катастрофа – вели Раде Спасевски, претседател на месната заедница „Горно Коњари“.

Овој пат кулминирала точката на вриење, бидејќи, како што вели, ништо не е испочитувано што е ветено. Спасевски најави протест и за утре, но се надева дека ќе биде донесено решение концесионерот да престане со активностите.

Жителите и претходно беа на разговор во Собранието, а беше одржан и мирен протест пред Владата. Тие во средината на март годинава и се пожалија и на министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, дека се сомневаат оти концесионерите под превезот на уредување на речното корито на реката Пчиња, експлоатираат чакал и песок, а притоа оставаат пустош зад себе. Големите дупки што се прават по вадењето на материјалот се полнат со вода, а бунарите на мештаните пресушуваат и со тоа го доведуваат во прашање водоснабдувањето на овие две населени места. Пратениците застанаа од нивна страна, но проблемот сеуште не е решен.

(А.П.)