Ердоган:Турција во јули добива руски системи С-400

Русија во текот на следниот месец на Турција ќе ѝ ги достави нарачаните противракетни системи С-400, соопшти денес турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

151

„Со рускиот претседател Владимир Путин имавме можност да разговараме за темата со С-400, но таа и онака е затворена. Не станува збор за ништо лошо. Мислам дека во текот на првата половина на јули ќе почне доставувањето на системот“, изјави денес Ердоган пред новинарите за време на летот кон Анкара од таџикистанскиот главен град Душанбе, каде учествуваше на регионален самит и имаше средба со шефот на руската држава.

Турција е под силен притисок од САД да се откаже од набавката на руските системи С-400. Вашингтон најави дека ќе воведе санкции кон Турција и ќе ја исклучи земјата од својата програма за борбени авиони Ф-35, доколку Анкара не се откаже од плановите за вклучување на руските системи во своето вооружување.

САД ја наговара Турција да го купи ракетниот систем „Патриот“ наместо С-400 од Москва, тврдејќи дека рускиот систем бил неспоив со системот на НАТО. Турција одговори дека С-400 нема да биде интегриран во НАТО системот, но и дека нема да претставува закана за сојузот.

На ваквите најави во петокот реагираше турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, кој изјави дека Турција ќе одговори со „реципрочни мерки“ доколку САД воведат санкции кон земјата.

Тој нагласи дека Турција нема да отстапи од своите планови во вооружување, додавајќи дека во оваа фаза е невозможно земјата да ја откаже нарачката на системите С-400.