Утре, шест електрични автобуси од Европската Унија ќе му бидат донирани на ЈСП – Скопје, додека Владата е пред одлука да купи 100-120 електрични автобуси, кои потоа ќе му бидат донирани на јавниот транспорт во општините, најави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
За тоа кој е заслужен за набавката на овие автобуси, преку медиумите се препираат Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Ирена Витина, советник во Советот на Град Скопје, потенцира дека „срамен е обидот на министерот Изет Меџити да се фали со проект што го обезбедил Градот Скопје“.
– Министерот Меџити нема никаков придонес за Град Скопје да добие шест автобуси, ниту досега му помогнал на Градот во кој било друг сегмент за справување со загадувањето, иако неговата е една од 14 институции што имаат надлежност за постапување. Вработените во Секторот за меѓународна соработка на Град Скопје се заслужни, изработија апликација и овој проект е резултат на нивната посветена работа, со што Европската Унија ги финансира шесте автобуси за Градот – вели Витина.
Таа нагласува дека еколошките автобуси се резултат на проектот со кој Град Скопје аплицираше до ЕУ и дека УНОПС ја реализира набавката.
– Со овој проект, преку поддршката на ЕУ за Град Скопје, се обезбедени овие шест еколошки ЦНГ-автобуси, се подигаат урбани зелени појаси со над 3.000 дрвја, меѓу кои и во мегапаркот во Карпош, каде што наскоро ќе се насадат нови 1.000 дрвја, а дополнително се изработува физибилити студија за проширување на топловодната мрежа во Скопје. Сите сегменти на проектот имаат цел подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје и во Македонија – истакнува Витина.
Од МЖСПП реагираат и ја оценуваат изјавата на Витина како „тенденциозна, навредлива и со цел да се намали кредибилитетот на институцијата и на министерот Изет Меџити“. Велат дека советничката не е информирана и, според нивната верзија, „набавката на автобусите е само една активност од акциската ЕУ-програма за еколошки стандарди и чист воздух и е дел од целосната Програма за животна средина и климатска акација во рамките на ИПА 3 помошта од ЕУ“.
– Активностите од оваа Програма се програмирани на предлог од Министерството за животна средина и просторно планирање, во координација со сите вклучени страни, меѓу кои е и Градот Скопје, одобрени од Владата и прифатени од ЕУ-комисијата за финансирање. Програмата за чист воздух содржи повеќе компоненти за кои повеќе пати сме информирале, се спроведува под директно управување од Делегацијата на Европската Унија. Министерството за животна средина и просторно планирање е одговорно за следење на имплементацијата на Програмата и е нејзин корисник, а конкретно за оваа активност – Градот Скопје е краен корисник – се вели во реакцијата од МЖСПП.
Покрај грант-средствата од ЕУ, Владата обезбедува и национална контрибуција за целата Програма.
(С.Бл.)