Државата треба да ги поддржи духовните проекти и веронауката

Интервју со Зорица Соломан Костовска, основач и директор на Меѓународниот филмски фестивал “Богородичен покров”

97

За идните планови на Меѓународниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров”, основан во 2016 година, чиј генерален покровител од самото основање е Европскиот универзитет – Скопје, односно Бојо и Елица Андрески, со доделување на стипендија секоја година на највредниoт волонтер, за состојбите на духовните и хумани вредности во општеството и потребата на нивната поддршка од државата и во таа насока и за воведувањето на предметот веронаука во основните и средни училишта, разговаравме со Зорица Соломан Костовска. Таа е директор на Меѓународниот филмски фестивал „Богородичен покров” и основач заедно со нејзиниот покоен сопруг Коле Јовановски, монтажер и режисер во МТВ. Фестивалот неодамна го имаше своето деветто издание

 

Зорица Соломан-Костовска била  и 10-годишен член во Меѓународната академија на телевизиски науки и уметности во Њујорк, која ги доделува најпрестижните ТВ награди  Еmmy Awards, пом. дир. на МРТ и директор за меѓународна соработка, носител на елаборатот за сателитскиот канал на МРТ. Била ангажирана во дипломатија во екс ЈУ, дописник на „Нова Македонија” и МТВ од Белград, а денес ТВ-филмски продуцент, сценарист, режисер, дипл. теолог и дипл. дипломат.

 Покрај толку многу професии, oд каде Вашата определба и  зошто токму работата на духовните и хумани вредности се Вашата цел и мисија?

Ситуацијата е повеќе од алармантна. Најголемата  и најзначајна  борба која ни претстои е човекот да остане човек! Глобалниот светски систем со перфидни и лукави методи под превезот на техничкиот прогрес го турка човештвото во насока човекот да го изгуби својот човечки и Божји образ. Тоа што го прави човекот човек се емоциите на љубовта, мирот, добрината, сомилоста, хуманоста, а светот некој го турка во насилство, омраза, убиства… На пример, насилството во САД е зголемено, според истражувања на Lifetime.tv пред повеќе години на 72 проценти, а денес е и повисоко. Постојат и ТВ-канaли кои 24 часа дневно прикажуваат во реално време насилство и убиства. Исто така, вештачката интелигенција, социјалните мрежи, интернетот, медиумите, се алатки кои водат кон падот на човекот, кон отуѓување и атомизација на општеството и семејството, кон аутоалиенацијата на самите себеси! Вештачката интелигенција во суштина го роботизира човекот, зошто човекот се чувствува исполнет само преку сопствената креативност, преку сопствените таленти кои му се дарени од Бога со неговото раѓање. Само ако тој својот личен талент го развива, тој ја чувствува емоцијата која ја нема вештачката студена интелигенција. Таа не е од Бога, туку е креација на разни умови, кои ја крадат човечката дарба и креативност и емотивна исполнетост. Едно е некој да напише песма од душата, а друго некој да му ја испорача. Нема духовен развој, нема креација на човекот, нема емоции, и тој самиот станува еден вид продукт на вештачката интелигенција. Глобалниот систем одамна има зацртан план да му ги украде емоциите на човекот, на љубов, мир, добрина, хуманост.  Се сеќавам на еден германски филм, го изумив насловот, како излегуваат луѓето после работно време од фабриката, како да се роботи, не смеат да се допрат со рацете. А во допирот е енергијата и емоцијата. Но, во еден миг случајно се допираат две раце. Во истиот миг се слуша сирена која завива, аларм во фабриката дека се допреле две раце. Алармот е забрана за сите дека тоа не смее да се случи. Мислам дека е време да го  вклучиме алармот за да се заштитиме од оваа глобална програма во која главната цел е да се украдат емоциите, да се роботизира човекот,  да се контролира и манипулира и да се прави сè што некој сака со него. Затоа, ќе повторам, најголемата борба која ни претстои е човекот да остане човек!

Што може државата да стори според Вас на овој план?

Опасни времиња доаѓаат за новите генерации. Кои нема да имаат сеќавање и пример околу себе, како што ние денес имаме, што е вистинска љубов и емоција и потреба за неа. Во трката за материјалните добра и лажниот систем на вредности, емоциите во светот се губат. Државата треба да ги стави духовните и хумани вредности во еден долгорчен проект и план во својата агенда. Затоа се неопходни сериозни програми за заштита од алиенација на човекот. Да ги истражува  причините во секоја средина за насилството и омраза и да донесе мерки за нив. Да ги поддржи духовните и хумани проекти и програми во сите сфери на културата, уметноста, науката, програми и проекти кои ќе ги истражуваат, промовираат, едуцираат граѓаните за мирот, доброто, убавото и хуманото, за вистинските вредности. Луѓето од сите професии, истражувачи, научници, културни дејци, уметници, треба да се вклучат во дебати, проекти и програми  како да ја надминеме оваа голема опасност сите заедно.

Имате ли конкретни предлози како да се поддржат проектите за духовните вредности во рамките на државните институции и зошто сметате дека тие треба да бидат издвоени?

Духовните и хумани проекти мораат да се издвојат како такви бидејќи тие не се финансираат во рамките на Министерствата и институциите. Во Агенцијата за филм и Министерството за култура постојат буџети  за поддршка  на филмови од национален интерес за културно и духовно наследство. Но, за проекти поврзани со духовните и хумани вредности, кои требаат да се реализираат во доменот на  хуманистички науки и како медиумски, културно уметнички и едукативни програми и проекти, за нив не постојат наменски извори за буџетирање. Оваа програма главно, не е високобуџетна, ниту комерцијална, ниту се емитува на големи фестивали кои носат бодови во Агенција за филм за да се одобри ваков филм. Така да не е ни компатибилно буџетот за оваа намена да е при оваа Агенција, туку како одвоен буџет во независна Фондација за оваа намена во која ќе одлучуваат авторитативни личности или при друга надлежна институција, или можеби при Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, имајќи предвид дека тоа е одамна пракса во некои држави во регионот.

Државата може да ја помогне реализација на ваков посебен профил на проекти, на пример, преку измени во законската регулатива која ќе подразбира повисоки  даночни олеснувања за секоја компанија, кои ќе бидат толку примамливи за да компаниите со задоволство сакаат да донираат и одвојуваат средства потребни за реализација на духовни проекти во сите сфери на науката, културата, уметноста, музикологијата, истражувањата итн. како за возрасните, така и за децата. Во други држави, на пример, се издвојува од секоја плата, мислам околу 0,1 процент за културни проекти. Ете, тоа се едно до две кафиња месечно во некое кафуле… Ако сите издвоиме за овие цели, ќе имаме голем буџет без тешкотии за оваа цел. Најголеми донации на овој план има во Америка. Верувале или не, наша Македонка која работи на хуман проект во Њујорк, за исцелување на болни луѓе  преку часови на танци, ме изненади кога ми рече дека самите донатори постојано ги бараат за да ги прашаат кога ќе имаат презентација на нов духовен и хуман проект и со радост доаѓаат на нив за да донираат. Навистина, крајно време е да се обезбедат и кај нас посебни буџети и извори на финансирање за проекти наменети за овие вредности.

Како  можат медиумите да придонесат на овој план?

Фокусoт на оваа програма сметам дека треба да се насочи посебно кон медиумите.  Исто така, националниот сервис на МРТ, кој е најголем продуцент и негова обврска е да се грижи и за овој профил на програма, доколку сè уште програмски не е наменет петтиот канал, може да го намени за ваква програмска политика.  Може да се продуцираат програми за духовноста и хуманоста преку портрети на хумани личности денес и во историјата, разговори со стручни лица од богословски, етички, социјален, педагошки, психолошки аспект, со цел да се негува и поттикне свеста и совеста кај луѓето. Да се иницираат разговори и поуки со верските претставници од сите религии за поттикнување на хуманоста и добрите дела. Децата и младите да имаат своја актуелна програма која тие ќе ја уредуваат. Да се организираат концерти, да се промовираат и цитираат книги, да се прикажуваат филмови, изложби… Доброполезно е програмата да биде што поприсутна и на регионалните и на локални телевизии, за што би можеле да помогнат и градоначалниците со  нивни предлози за буџетирање на вакви проекти од страна на Владата.

Како  состојбите на овој план во општеството се рефлектираат кај децата и младите? Колку и како децата се засегнати со овие состојби?

Кога станува збор за децата, во извештаите на училиштата во 1940- тите години, проблеми во училиштата биле невнимание на часови, врева низ ходниците, непристојно облекување… Денес, проблеми во училиштата се омраза, тепачки, насилство, алкохол, дрога, силувања, убиства… Културата во однесувањето генерално е на многу ниско ниво, а грдите пцости кај младата генерација, за жал, се вообичаена појава. Се изгуби моралот, етиката, убавината на зборот. Речиси прочитав податок дека во Србија околу 2.400 деца годишно завршуваат на лечење на психијатрија, а најмладото дете има 12 години. Тие се изгубија во овој свет кој пласира невредности за вредности, кој како се облекува и каков бренд има патики или мобилен. За ова не се одговорни само децата и родителите, туку и некои од наставниците и професорите. Целисходно е да се размислува наставниците и професорите пред да се вработат да поминат психолошки тестови, како би се открила нивната психологија на личноста и карактерот, затоа што имаат огромна одговорност за психофизичкиот развој на младите. Тие се поприсутни во нивните животи и од нивните родители и одговорни се за развојот не само едно, две или три деца, туку за 30 деца секоја година во едно одделение, на кои треба да им сведочат со својот пример на живот и да ги израснат во здрави личности. За ова може многу да придонесе  и воведувањето на предметот веронаука во училиштата.

Зошто е воведувањето на веронауката толку важна за духовниот и психофизички развој на децата? Каква е законската регулатива кога е во прашање веронауката во регионот?

Неопходно е воведувањето на предметот веронаука во институционалото образование од прво до деветто одделение, како и во средното образование, бидејќи корените на секоја духовност, етика, морал, се токму во религиите!  Државата е должна да им понуди на сите слободен избор, а родителите и учениците се тие кои ќе го направат својот избор. Верниците плаќаат данок еднакво како и сите граѓани и имаат право да им бидат задоволени нивните потреби во институционални рамки, како и за сите други категории на граѓани и да не се дискриминирани. Впрочем, во соседството, на пример во Србија, веронауката одамна функционира на сите нивоа, во сите одделенија во основното образование и во сите средни училишта, во чија програма се опфатени сите конфесии. Целта на оваа настава е да им се пружи на учениците целосен религиски поглед на светот и животот и да им се овозможи слободно усвојување на духовните и животни вредности на црквата или заедницата на која ѝ припаѓаат и да се создава простор на дијалог за меѓусебна толеранција и почитување. Во тие млади години на предметот веронаука, каде што би биле опфатени во наставната програма сите конфесии во општеството, децата ќе имаат време да разменат мислења, да создадат другарства, почит, да се помагаат. И тоа семе на добрина, ќе остане трајно во душите на  децата во тие години… Нема да може после тоа никој така лесно да ги манипулира нивните души со омраза, затоа што тие веќе ќе имаат стекнато здраво и лично искуство и тешко некој ќе може да ја разниша нивната личност и душа и да ја манипулира за сопствени интереси. Независно кои се големите планови на оваа коалиција на власт, како теолог со илјадници прочитани страници, ги уверувам дека ова ќе биде најголемото и најзначајно добро дело во целиот нивен живот за нив и нивните семејства! А знаеме дека сè е можно, доколку се сака!

Кои се Вашите планови за 10. јубилејно издание на Фестивалот наредната година?  

Дозволете најпрво да се заблагодарам на поддршката која претседателката на државата г-ѓа Гордана Силјановска-Давкова ни ја даде на приемот оваа година. Според реакциите на аудиториумот на Фестивалот, тоа е гoлема утеха и надеж  дека Фестивалот кој нема добиено поддршка од државата години наназад, дека во иднина работите ќе се променат. Исто така, дозволете во име на сите верници и гледачи, да ја изразам благодарноста до неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан за благословот на овој Фестивал од неговите почетоци, од 2016 година, како и за поддршката на духовните проекти. Благодарност и до новиот почесен претседател на Фестивалот од минатата година, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, професор на Богословски факултет „Св. Климент Охридски” во Скопје и автор на мноубројни научни трудови, чие присуство суштински ни значи во развојот на концептот на овој Фестивал во наредниот период. Фестивалот досега беше поддржан од 12 амбасади во државата, а генерални покровители секоја година и годинава беа Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, на чело со амбасадорот господин Сергеј Баздникин и Европскиот универзитет, за што им изразуваме посебна благодарност. Инаку, голема желба  на сите гледачи е, конечно, идната година Фестивалот повторно да се одржи „во живо”, не само онлајн, со средби и дружења со поддржувачите на Фестивалот и тој да прерасне во мултимедијален проект со духовни разговори, промоции на книги, музички настапи и други содржини. Се надеваме дека конечно и Град Скопје ќе ни се придружи, бидејќи Пресвета Богородица е официјално прогласена пред повеќе години од Советот на градот за заштитничка на Скопје. Ќе ги промовираме во иднина и иницијативите кои се многу значајни, како што е прогласувањето на Пресвета Богородица за заштитничка на Македонија, бидејќи Таа прва, пред Светиот апостол Павле, стапна на македонска почва и ја освети оваа земја. Исто така, во периодот на Информбирото околу 1948 година, Таа се појавила на прозорците во многу градови и села во Македонија, во Скопје, Велес, крај Кочани, Струмица, Вевчани, Кратово, во село Умлена, за што ни сведочеше и, за жал, сега веќе покојниот почесен претседател на фестивалот проф. д-р Јован Таковски, како и многу други сведоци. Со дозвола на градоначалниците на тие места, ќе се заложиме да се стават  обележја во чест и спомен на Пресвета Богородица, за да луѓето се поклонат на тоа свето место. Ако некој има желба да ја поддржи оваа иницијатива, истoвремено и да сe самопромовира, може да ни се обрати на нашиот меил [email protected]  Се надеваме дека државата ќе ги препознае и поддржи вистинските вредности на фестивалот “Богородичен покров“, како и на многу други автори кои имаат прекрасни духовни проекти.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ