Драчевскиот затворен пазар ќе се гради слично како оној на Бит-пазар, со паркинг на покривот

Од Општина Кисела Вода потврдуваат дека ќе се гради затворен пазар, но повеќе детали најавуваат за кога и официјално ќе почнат градежните работи. Сопственик на просторот на пазарот и на објектите е „Скопски пазар“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се договорил со оваа компанија таа да инвестира со цел драчевци да добијат пазар со современи услови на пазарење. Планирано е над пазарот да има паркинг по примерот на Бит-пазар

195

Во Општина Кисела Вода ќе се гради вториот модерен затворен пазар. Овој пазар ќе биде на местото на постојниот пазар во населбата Драчево, каде што во моментов се врши расчистување на тезгите, како и на дуќаните околу пазарот.

Се работи за долгогодишно барање не само на жителите на оваа многуилјадна населба туку и на закупците на тезгите и на дуќаните. Од 1965 година, кога е изграден пазарот на кој се продаваат земјоделски производи и слично, не е инвестирано во него. Долгогодишни тезгаџии велат дека тезгите се без никакви услови за работа, а дуќаните се без енергетска ефикасност.

Од Општина Кисела Вода потврдуваат дека ќе се гради затворен пазар, но повеќе детали најавуваат за кога и официјално ќе почнат градежните работи. Сопственик на просторот на пазарот и на објектите е „Скопски пазар“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се договорил со оваа компанија таа да инвестира со цел драчевци да добијат пазар со современи услови на пазарење. Планирано е над пазарот да има паркинг по примерот на Бит-пазар.

Општината ќе најде привремено решение за работа на досегашните тезгаџии додека траат градежните активности.

Камен-темелникот на првиот модерен пазар на територијата на Општина Кисела Вода беше поставен лани на 19 октомври, а профункционира во јануари годинава, со што жителите на Општината добија пристојно место за набавка на свежи овошје и зеленчук.

– Во мојата програма се обврзав дека ќе изградиме два вакви пазара, па, еве, на истекот од првата година од мојот мандат, веќе го почнуваме овој пазар, кој треба да биде готов приближно за два месеца, а многу скоро, како медиуми, ќе бидете повикани и во Драчево, каде што ќе започнеме со изградба на уште еден ваков ултрамодерен, современ, затворен пазар како што прилега за нашата современа општина – изјави тогаш Ѓорѓиевски.  

(С.Бл.)