Вечерва (5 декември), со почеток во 18 часот, во „Јуроп хаус“ во Струга, ќе биде прикажан документарниот филм „Чуварите на Амазон“ (We are guardians). Проекцијата е во рамки на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“ на Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“.

По проекцијата ќе следи дискусија за заштитата на животната средина, поврзувајќи ги предизвиците на дождовните шуми во Амазон со регионот Охрид-Струга. Со цел да се истражи значењето на активизмот и одржливите практики за заштита на природната средина, говорници на дискусијата ќе бидат Дарко Ќитаноски („Еко-свест“ – Вевчани), Наум Илиески („Еко-свест“ – Вевчани) и Владимир Трајановски (СОС – Охрид).

Документарниот филм „Чуварите на Амазон“ (We are guardians) на Едиван Гујајара, Челзи Грин и Роб Гробман е потресна приказна на разновидна група домородци кои се трудат да го спасат она што остана од бразилскиот Амазон. Филмот стручно ги сецира економските двигатели кои поттикнуваат големо уништување на животната средина, притоа разоткривајќи ја корупцијата и партиската политика кои тоа го овозможуваат.

Влезот на проекцијата е бесплатен за сите заинтересирани посетители. Дебатата ќе биде на македонски јазик (со можност за превод на албански јазик), додека проекцијата на филмот е со титл на англиски јазик.