Дескоска:СЈО треба да ја задржи својата независност

63

 

Министерката за правда Рената Дескоска смета дека специјалното јавно обвинителство треба да ја задржи својата независност, бидејќи се покажало како одлично решение и тоа според неа не треба да се изедначи во рангот на Обвинителството за организиран криминал,
Дескоска побара од политичките партии да дадат поддршка за одржување на капацитетот на СЈО и на неговите надлежности, со оглед дека во изминатиов период е вложено во тренинзи и едукација во ова Обвинителство .

Таа на денешниот  брифинг со новинарите рече дека има два предлог-закони на ЕНЕР за специјалното јавно обвинителство. Едниот кој го предлага СЈО, а другиот кој го предлага работната група.

Во неформалниот дел од средбата посочи дека има и трет предлог од политички партии за мандатот на СЈО и надлежноста за бомбите за тековните истраги. Меѓу другото, станува збор и за прашањето за надлежноста на бомбите и за прашањето дали прислушуваните материјали може да бидат користени како доказ или индиција во истражните постапки по рокот за поднесување на обвиненијата.

Според неа, за оние постапки што се во фаза на обвинение нема дилема дека треба да продолжат во рамки на СЈО.
-Во делот што се однесува на истрагите, таму е вложен труд од СЈО и тука не треба да се дозволи да има практично амнестирање на кривични дела со измени на закон. Во тој дел ќе мора да водиме сметка да се направи прецизна одредба што ќе даде можност делата што биле направени и кои биле во фаза на истрага да ги продолжи. Кој ќе продолжи, дали Обвинителство за организиран криминал или СЈО, тоа ќе биде дефинирано според надлежностите што ќе бидат распределени меѓу овие две обвинителства, додаде Дескоска

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во неодамнa изјави дека се залага да има единствен закон во кој ќе се инкорпорира и работата на СЈО како посебно обвинителство во мрежата на Јавни обвинителства.

Моја заложба е СЈО во делот на кривичните дела за кое е основано да ја задржи досегашната самостојност за тие кривични дела, а со оглед дека му се додава нова надлежност за кривични дела од областа на корупцијата од избрани и именувани лица и потешки кривични дела, за таа надлежност да важат општите правила како и за другите обвинителства. Се разбира дека за определени постапки треба да се определи негова самостојност, но особено сметам дека е суштествено да се одлучи кој ќе го врши надзорот над работата на ова обвинителство, смета Јовески.

Во јавноста се уште нема финален предлог законско решение. Позната е само верзијата предложена од работната група при Министерството за правда, а предлози има и од СЈО и од политичките партии.