Две во едно: промоција на новиот спот и прослава на 62. роденден на фолк-ѕвездата Благоја Баже Грујовски

113

Баже се сеќава и на оној најмрачен дел од животот. На она време на корона-пандемијата, кога едвај се спаси од тој смртоносен вирус. Беше тешко болен, а ја преживеа короната со лекарства и со голема доза на среќата. – По сè што поминав во времето на короната, во врска со моето здравје, јас сум му благодарен на животот. Ако умрев во короната, немаше да го дочекам овој „цагер“, да го славам 62. роденден, бидејќи сум роден 1962 година. Многу необичен, судбински „спој“ на цифрите

Феноменално се забавуваа сите што дојдоа на ноќната промоција на новиот спот на македонската фолк-ѕвезда, но и наш колега – поранешен новинар, Благоја Баже Грујовски. Тоа се случи во ексклузивниот амбиент на скопскиот хотел „Ми каса“, каде што сè „пукаше“ од гламур, музика, модерно облечени гости, кој до кој, скопскиот крем. Со своето присуство, тие ја збогатија промоцијата на спотот за песната „Мој пријателе“, која ја пее Баже во дует со својот пријател и естраден колега, популарниот Гоце Пејковски.

Но, тоа не беше само промоција, беше повеќе од тоа. Воедно беше и гламурозна прослава на 62. роденден на Баже, со прекарот Супер Маже, кој му е од поодамна, од неговите огнени обожавателки, кога заблеска со хитот „Туѓино, јабано“. Велат, сè поради таа негова вечна, привлечна младоликост, која гордо ја носи со себе, но скромно, каков што е, никогаш не ја истакнува во муабетите.

– Сите ми велат дека никогаш не би ми дале 62 години. А, што можам јас да додадам на тоа? Да им бидам благодарен на луѓето за комплиментите, но воедно и самиот да се прашам дали е мојата младоликост во гените или е во изборот на храната и во секојдневниот спокоен начин на живеење. Сакам, на пример, пристојно да се наспијам, бидејќи многу настапувам, пеам, патувам, и во Македонија и низ светот. Одморот и сонот ми се повеќе од половина за добро здравје. Или токму затоа што не се нервирам за ништо, ништо не може да ме направи да бидам несреќен или да ме извади од такт. Јас ги паметам само убавите денови од мојот досегашен живот.

Така е тоа кај мене, на секое поле. И кога се моите синови во прашање, иако се од моите два брака. Сепак, јас сум им татко и секогаш сум тука за нив доколку им требам. На постариот Матеј не дотолку. Тој си работи, живее свој живот, но затоа сè уште морам многу да му помагам на помалиот Марко, кој е сега во пубертет – вели расположениот Грујовски.

Кога зборува за годините и за случувањата од животот, Баже се сеќава и на оној најмрачен дел. На она време на корона-пандемијата, кога едвај се спаси од смртоносниот вирус. Беше тешко болен, а ја преживеа короната со лекарства и со голема доза на среќа.

– По сè што поминав во времето на короната, во врска со моето здравје, јас сум му благодарен на животот. Затоа им велам на сите луѓе да му се радуваат на животот. Па, каков и да е, не е само среќа во парите. Никој од нас не знае колку ќе живее, дали ќе се разбуди утре и ќе си каже: „Осамна уште еден нов ден, фала ти Боже!“ Ако умрев во короната, немаше да го дочекам овој „цагер“, да го славам 62. роденден, бидејќи сум роден 1962 година. Многу необичен,  судбински „спој“ на цифрите.

А, прославата на 62. роденден, сосе промоцијата на спотот, траеше долго во ноќта. Се пееше од сè по малку, од македонски народни, забавни, патриотски до стари, незаборавни југословенски хитови. Сè залеано со добри пијачки, а гостите беа почестени и со дури три роденденски торти. Едната од нив како подарок од фестивалот “Охрид-фест 2024“ на кој Грујовски убедливо победи… За доброто расположение, голем придонес со своите златни грла дадоа и: Наум Петрески, Адријана Алачки, Нико Сребров, Стојне Николова, Огнен Здравковски, Сандра Милковска, Гоце Пејковски, Адријана Кеш, Спасен Силјановски и многу други негови естрадни колеги.

Дуле Миќиќ