На две недели пред официјалниот старт на грејна сезона 2023/24, дел од корисниците на парно греење во Скопје не се сигурни дека топлинската енергија ќе стигне до нивните домови. Цевките на ЕСМ стојат покрај мостот „Беласица“ на кејот на Вардар и сè уште не се знае кога ќе бидат монтирани.
Од ЕСМ неколку пати повторуваат дека за поставување на топловодот под мостот чекаат дозвола од Град Скопје, а градоначалничка Данела Арсовска, пак, деновиве во изјава за медиумите рече дека за да мостот се пушти во целост треба санација во долниот дел за кое нагласи дека е само козметичко нарушување.
– Тоа е единствената причина што не се пуштени сите четири ленти на мостот. За да се монтираат цевките мора да се санира тој дел – истакна Арсовска.
Град Скопје во септември го отвори мостот за сообраќај само за лесни возила во двете крајни коловозни ленти, додека двете средишни коловозни ленти, беше речено, ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ.
– Во истото Градот Скопје нема никаков импут, нема никаква обврска, нема никакво влијание, ниту е надлежно во кој рок да им наложи да ги монтираат работите коишто се во интерес на тоа тие да ја почнат грејната сезона навреме – додаде Арсовска.
Таа најави дека ќе приложи писмен доказ дека ЕСМ се нафатиле на таа обврска.
– ЕСМ ја презеде обврската, нема да биде вина на Градот Скопје доколку дојде до проблеми со грејната сезона – рече Арсовска, но сепак верува дека ЕСМ ќе го направи тоа додека не почне грејната сезона.
Од ЕСМ со соопштение до медиумите упатија апел до потрошувачите да ги завршат интервенциите на внатрешната грејна инсталација, да овозможат пристап до топлинските станици и да обезбедат довод на електрична енергија во потстаницата.
– За да може грејната сезона во објектите кои се приклучени на системот за централно греење да стартува навремено и испораката на топлинска енергија да се одвива непречено, потребно е потрошувачите да ги завршат интервенциите на внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи на ЕСМ Снабдување. Истовремено Заедниците на сопственици или Управителите на објектите потребно е да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација) – велат од ЕСМ.
Согласно законските прописи, грејната сезона може да започне од 1 октомври доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.
Сè уште останува нејасно за потрошувачите по која цена оваа година ќе ја плаќаат услугата. Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) поради проблемите со топловодот и долговите помеѓу компаниите за топлинска енергија и Владата, не носи нова одлука за цената на парното греење која што требаше да се соопшти уште кон крајот на јули. Пресметките на РКЕ покажуваат дека, доколку не се постават новите цевки, парното греење ќе поскапи за над 60 отсто, токму поради поскапата енергија што ја испорачуваат топланите споредбено со онаа што ја дава Те-То.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на семинарот во Охрид предупреди дека доколку мрежата на Те-То не биде функционална може да биде причина за ценовно цунами со сметките за парно. Реагираа и од Владата, но до денес ниту една институција не презема конкретни чекори за да обезбеди услови за нормален почеток на грејната сезона.
(С.Бл.)