Се бара решение за проблемот со закажани термини во јавното здравство, на кои не се појавуваат пациенти, изјави денеска заменик министерот за здравство Јовица Андовски. Апелираше до граѓаните, доколку имаат закажан термин, а не можат да го искористат, барем последниот ден со смс порака или преку докторот, да го откажат терминот. На тој начин ќе остават место пациентите на кои навистина им треба дијагностичка процедура да ја завршат и да нема големи листи на чекање.
-Ги следиме податоците на закажани термини и на искористени термини. Стварно се јавува еден доста голем проблем. Ние сме во постојана координација и со Мој термин и со Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Разговараме за да изнајдеме идејно решение како тоа би се надминало, посочи Андовски.
Тој кажа дека ова претставува доста голем проблем затоа што им се зема редот на оние граѓани на коишто навистина им треба дијагностичка процедура.