Градот ќе купува и велосипеди за вработените

216

Градот Скопје распиша оглас за набавка на 10 велосипеди.

Велосипедите, како што информираат градските власти, ќе бидат со рамка изработена од легура алуминиум или челик, со неколку големини почнувајќи од 17 инчи, и гуми во неколку големини.

– Набавката на велосипедите е заснована на потребата од превоз на вработените во администрацијата на Град Скопје при извршување на редовните работни обврски на пократки релации, на територијата на град Скопје. Со тоа ќе се намали трошокот за набавка и потребата од користење на лесни моторни возила, ќе се заштеди на потрошувачката на гориво и ќе се афирмира заложбата на Град Скопје за почиста и поздрава животна средина, сметаат од Градот.
Оваа набавка, како што велат градските власти е заснована на Одлуката за одобрување набавка на велосипеди и електрични тротинети што ја донесе Советот на Град Скопје на седница што се одржа во февруари годинава.

Заинтересираните, своите понуди можат да ги достават најдоцна до 22 мај годинава во 12 часот, кога и ќе се спроведе нивното јавно отворање.

Инаку, во однос на проектот за изнајмување на велосипеди, градот Скопје планира воведување на јавен систем за споделување (самоизнајмување) на велосипеди (public bike share system – PBSS). Во моментов се работи на подготовка на проектите со кои се предвидува поставување на овој систем на 30 локации во градот Скопје, опремени со терминал за самоизнајмување на велосипед и 20 држачи за велосипедите.

(А.П.)