ГРАД СКОПЈЕ СО ПОВОЛНОСТИ: Бесплатни спортски сали и поевтин закуп

72

Спортските сали на установите во сопственост на Град Скопје ќе можат бесплатно да ги користат лицата со посебни потреби кои учествуваат во спортски активности организирани од сојузи, здруженија на граѓани, организации или друг облик на здружувања. Ова е предвидено со Предлог – измената и дополнувањето на Одлуката за условите и начинот на давање под закуп на недвижен имот во сопственост на Град Скопје што треба да се најде на усвојување на наредната седница на градскиот Совет.

– Клучниот услов за да се овозможи ова е правните субјекти преку своите проекти, програми, активности или манифестации да бидат дел од Програмата за спорт и млади на Град Скопје – информираат од градот.

Се предвидува и намалување на висината на почетната цена за закупнина на просторот што се дава во закуп со јавно наддавање. Наместо досегашните 0,5% по квадратен метар од вредноста на недвижната ствар, се предлага минималната цена да изнесува 0,3% по м2 со што поевтинува услугата за закуп на недвижниот имот на Град Скопје за сите субјекти кои имаат потреба од нивно користење.

– Финансиското олеснување треба да предизвика зголемена заинтересираност на граѓаните за користење на недвижностите со кои располага Градот и доближување на институциите кои се под надлежност на Град Скопје до граѓаните. На овој начин се олеснуваат условите за користење на градските институции од граѓаните и истите се ставаат во функција на нивните потреби – велат од Град Скопје.