ЗОРАН КРСТЕВСКИ ЗА ЧИТАТЕЛИТЕ НА “ВЕЧЕР“: ХОРОСКОП ЗА 2019 ГОДИНА

1290
Зоран КРСТЕВСКИ, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор, тренер за личен развој и астролог
Колку и да е тешко во животот, човекот ја поседува способноста да ги менува нештата и да создава подобри услови за среќно и хармонично живеење. За да го постигне тоа, неопходно е да верува во сопствените вредности и да ја негува надежта дека ѕвездите ќе му бидат максимално наклонети. Во Библијата пишува: “Според вашата вера ќе бидете наградени”. Затоа, колку ќе се потрудиме, толку ќе постигнеме, но колку повеќе веруваме во силата на доброто, толку помалку ќе бидеме под удар на негативното.
Секоја нова година е шанса нештата да тргнат во насока на позитивното, така што нема човек кој не се надева дека ќе биде подобро. Оптимизмот, визијата и иницијативноста се клучни за постигнување на успехот, како и решеноста зад себе да ги оставиме сите неубави искуства и лоши настани од минатото.
Вербата во себеси и уверувањето дека “тоа што не ме уништило, само ме направило посилен”, треба да биде главната максима која и во текот на 2019-та година ќе ни даде сила за храбро и решително чекорење кон перспективата на животот. Транзитот на планетата Јупитер во знакот на Стрелец е добра основа да почнеме повеќе да му се радуваме на своето постоење, да уживаме во мигот на сегашноста и да осознаеме дека и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Кога ќе разбереме дека патот кон среќата и убавината секогаш започнува од љубовта кон себе и од препознавањето на сопствените вредности, тогаш и судбината ќе ни ги нареди коцките и ќе не награди за позитивниот пристап кон работите. Со менување на навиката првично да го забележуваме лошото, а потоа да го бараме доброто, ќе отвориме нова животна визија во која позитивните вредности ќе станат суштински концепт на нашето живеење. Народната мудрост кажува: “како што е човекот, такви му се пријателите” – тоа значи, каков ми е односот кон самиот себе, такви ќе ми бидат и релациите со другите личности. Кога самите за себе ќе станеме љубов, среќа и хармонија, тогаш ќе привлекуваме луѓе кои поседуваат и споделуваат љубов, среќа и хармонија.
За разлика од 2018-та година, која беше клучна за чистење и ослободување од негативните лица и ситуации, новата година ветува многу повеќе задоволства, убавина и позитивна енергија. Затоа, да не размислуваме повеќе за старите и неубави нешта доживеани во минатото, време е да се радуваме, да уживаме и да им се препуштиме на миговите на љубовта, сродноста и посветеноста во односите со своите сакани.

   ОВЕН

Ѕвездите препорачуваат да бидете максимално активни, отворени и енергични, бидејќи транзитот на планетата Јупитер ќе ви донесе одлични можности за промена на животната филозофија, учење нови работи, успех доколку студирате и контакти со лица кои доаѓаат од странство. Всушност, 2019-та година е идеална за подолг престој или преселување во странска земја, така што воопшто не треба да размислувате, доколку ви се отвори предиспозиција за патување. Божјата промисла ќе биде на ваша страна, само треба јасно да ги определите своите цели и да ја пронајдете смислата на животот.

Овните од третата декада, а посебно родените од 18 до 20 април ќе мора да бидат внимателни до 06 март 2019-та, бидејќи Уран ќе го нападне нивното Сонце и може да предизвика ризични ситуации, афекти, нервоза и недоразбирања во односите со другите лица.

Општо гледано, ова е година на нов пристап кон нештата, разрешување на некои кармички (судбински) ситуации во домот и семејството, соочување со своите интимни желби и постепено отворање нови похармонични перспективи во животот. Најголеми проблеми ќе почувствувате во полето на кариерата, статусот, односот со јавноста и авторитетите, зашто транзитот на Сатурн од соѕвездието на знакот Јарец воопшто нема да ви биде наклонето. Тоа посебно важи за Овните родени во периодот од 01 до 10 април, кои не смеат да влегуваат во ризични дејствија на професионален план, односно ќе мора многу да размислуваат за евентуалните последици и опасности од иницираните активности. Како и да е, Јупитер ќе заштитува, а Сатурн ќе напаѓа, така што ќе мора добро да ја распоредите силата и да пронајдете мотивација за надминување на тешкотиите, но и за препознавање на позитивните можности за напредување. Тоа важи за сите Овни, кои ги очекува мошне интересна година полна со пресврти и возбудувања.

Шансите за успех и напредување ќе бидат присутни, посебно ако работите за странска компанија, студирате во странство или остварувате љубовен однос со лице кое е поврзано со странство. Јупитер е планетата на среќата, која после 12 години престојува во вашето поле на повисока свесност, мудрост и визија, така што фокусирајте се на позитивното, отворете се за тоа што го сакате и не дозволувате критиките и негативните вибрации на дел од јавноста да ве стопираат во напредувањето. На финансиски план ќе отворите нови можности за заработка, но вооедно ќе имате и голем број непланирани и импулсивно направени трошоци.

Во суштина, 2019-та ќе биде година во која ќе дојдат до израз сите ваши карактерни специфичности, така што бидете подготвени да го ожнеете, тоа што ќе го посеете, односно колку повеќе вложувате во себе, толку помалку ќе бидете под удар на судбината.

  БИК

Од 6 март подгответе се за радикални промени во животот, бидејќи планетата Уран после 84 години целосно ќе навлезе во соѕвездието на Бик и во наредните 6 години ќе влијае врз психофизичката состојба на вашата личност. Во текот на 2019-та година неговото оригинално и необично влијание посебно ќе го почувствуваат родените од 20 до 26 април. Препораката е мудро да постапувате на професионален план, да избегнувате финансиски ризици и да внимавате на односите во домот и љубовта.

Поради влијанието на Јупитер во полето на скриените ресурси, окултните сили, страста, животот и смртта, моќта на кармата ќе биде мошне силно надвисната врз вашиот зодијачки знак. Тоа значи дека на површина ќе треба да ги изнесете сите свои позитивни вредности, но и да се соочите со ограничувањата и слабостите што ви го оневозможуваа напредувањето. Стравот, неизвесноста и борбата со самите себе или со другите може да ви предизвикаат несигурност и да ви ги блокираат потенцијалите, така што ќе мора јасно да ги определите целите и да ја сочувате својата креативна енергија. Сепак, можноста за духовна трансформација и регенерација ќе биде присутна, затоа основно е како се однесувате кон себе и кон перспективите на животот.

Најважно е кон проблемите и искушенијата да се поставите сериозно, стабилно и рационално, зашто 2019-та ќе биде година на клучни настани, како и на духовно и сексуално будење – од тоа ќе зависи дали кармата ќе ве казни или награди за акциите што ќе ги преземете. Сатурн го транзитира полето на Бог, животната филозофија, патувањата, образованието и странство, така што ви се препорачува да не ја провоцирате судбината на тој план, туку да одите на сигурно. Тоа значи, да не иницирате патувања во земји кои се ризични, да внимавате во сообраќајот, документите, договорите и на подолготрајниот престој во странство.

Божјата премудрост ќе ве награди ако сте трпеливи, работливи, морални, самосвесни и ориентирани во насока на личниот развој, духовноста, креативноста и мудроста. Со еден збор, ова е година на искушенија, но и на потенцијално многу убави настани, кои од корен може да ви го променат животот и однесат кон помирните води на егзистенцијата. За да дојде до тоа, неопходно е да знаете што точно сакате и да сфатите дека секоја последица е поврзана со одредена причина. За последицата да биде љубов, мир и хармонија, клучно е во самите себе да ги воспоставите љубовта, мирот и хармонијата. Тогаш, ќе се изненадите кога Сатурн планетата на кармата, ограничувањата и искушенијата ќе почне да ве наградува за стабилниот, морален и духовен пристап кон работите. Таа награда се состои во остварување на вредност која цел живот сте ја сонувале, повикувале и посакувале да стане дел од вашето постоење.

   БЛИЗНАЦИ

Се наоѓате пред мошне специфична година на високи можности, но и на ризични и напнати ситуации. Убавите нешта доаѓаат од транзитот на Јупитер во полето на бракот, заедничкото живеење, партнерството, јавноста и правните прашања. Близнаците кои не се во брак може да ја официјализираат својата врска или да запознаат лице кое е странец, односно поврзано со странство. Проблемите во љубовните односи може да бидат надминати, иако неретко се случува токму влијанието на Јупитер да ги интензивира недоразбирањата и да создаде нетрпеливост помеѓу партнерите.

Оваа планета е поврзана со ширењето, така што кога подолг период се потиснуваат нештата и се остава времето да ги излечи раните, тоа најчесто не се случува, туку напротив сите морални дилеми, сомнежи, стравови и ограничувања излегуваат на површина и предизвикуваат голема криза или распад на партнерството. Од друга страна, таму каде што владее верноста, посветеноста и љубовната поврзаноста, овие квалитети уште повеќе се развиваат и усовршуваат, создавајќи предуслови за проширување на семејството, продлабочување на љубовта и за напредок на партнерите.

Јупитер е планета на божјата правда, така што родените во знакот на Близнаци кои држат до духовните и морални вредности не треба да очајуваат, туку да се радуваат, бидејќи конечно ќе го добијат тоа што го заслужуваат. Клучно е да пристапите со афирмации, да верувате во позитивните можности и да инвестирате во односот со лицата кои хармонично влијаат врз вас самите, односно да ги избегнувате сите оние кои го ограничуваат и критикуваат вашето напредување. Вредноста ќе пристигне доколку емоционално се отворите, позитивно го мотивирате партнерот да преземе дел од одговорноста или остварите љубовна врска која стимулативно ќе влијае врз вашата личност. Проблемите може да ги задесат Близнаците кои на емоционален, морален и духовен план се загубиле себеси. Тие ќе го почувствуваат негативниот транзит на Сатурн во полето на сексуалноста, смртта, внатрешните стравови и скриените нешта. Кај нив мора нешто да изумре, за потоа нешто друго да се роди.

Препораката е да работат на себе, да ги елиминираат самоуништувачките пориви и да почнат малку повеќе да размислуваат за посветлите димензии на животот. На тој начин, ќе неутрализираат дел од своите погрешни одлуки и ќе се соочат со сопствените стравови, кои ги тераат брзо и непромислено да им се предаваат на искушенијата и да влетуваат во морално неприфатливи ситуации.

Како и да е, пред Близнаците е мошне интересна година, исполнета со многу подеми и падови, но и со можности кои ќе им овозможат да ги изнесат на виделина сите свои квалитети, но и слабости. Кој што ќе постигне и за што ќе се одлучи, зависи од неговата слободна волја, односно од акумулираното ниво на свест, вредност и мудрост.

  РАК

Во ова денешно време на егзистенцијална неизвесност, транзитот на планетата Јупитер во полето на здравјето, работата и секојдневието може да ви донесе позитивна перспектива за надминување на наталожените проблеми и фаќање похармоничен и поопуштен курс на животот. Можноста за професионално напредување ќе биде евидентна, како и за остварување работен однос кој би можел да биде поврзан со странска компанија или со реномирана работна организација. Потенцијал за подобрување на односите со колегите постои, како и за иницирање нова повитална и оптимистичка енергија во борбата со искушенијата и ограничувањата на животот.

Акцентот треба да го ставите и на стабилизирање на личноста, на надминување на стегите од минатото и на санирање на здравствената состојба. Колку повеќе ги ширите своите активности, толку ќе ви биде подобро, така што треба да си дадете шанса самите на себе и помалку да зависите од влијанието и сугестиите на другите луѓе. Впрочем, поставеноста на Сатурн во полето на односот со јавноста, партнерството и бракот може да ви создаде потешкотии во комуникацијата, заладување и отуѓеност во врската.

Некои Ракови, може да запознаат партнер/ка кој е разведен или е со нагласена разлика во години и поврзан со странство. Препораката е добро да ги процените своите сили и да не влегувате во односи, доколку не сте целосно сигурни во намерите на другите.

Сатурн е учителот на животот и може да ви донесе сериозни животни лекции и разочарувања, по кои долго време ќе треба да се опоравувате и избавувате од непријатностите. Тоа посебно важи за родените од 03 до 13 јули, кои ќе мора да бидат исклучително внимателни во изборот на љубовниот партнер, а доколку се во брак, да направат се што е во нивна моќ односот да не отиде кон надолната линија. Проблеми може да им се појават и во соработката со деловните партнери, а постои ризик некој од машките членови на семејството да се соочи со здравствени, односно правни потешкотии.

Општо гледано, Раковите не треба да очајуваат, бидејќи Месечевиот јазол се наоѓа во нивниот знак, што може да донесе кармичко ослободување и завршување на некои судбински долгови, кои не ги одвеле кон доброто и перспективното.

Поуката од тоа астролошко влијание е конечно да почнете да мислите на самите себе, да се справите со емоционалните болки од минатото и храбро да тргнете кон новите перспективи на животот. Тоа ќе го постигнете, доколку ја зајакнете духовната страна на личноста, верувате во сопствените вредности и престанете да бидете жртва на енергетските вампири. Добро е да членувате во одредени клубови, организации или здруженија и да вложувате во пријателство со лица кои мотивирачки влијаат врз вашата личност. Поентата е да се свртите кон иднината и да развивате односи што позитивно ќе ви го променат погледот на свет.

  ЛАВ

Позитивна година за Лавовите, кои добиваат одлична можност за вртење нова страница во животот и за реализација на сите свои потенцијали, а кои во претходниот период не можеа да дојдат до израз, поради големи борби со негативните лица и нивните деструктивни влијанија. Транзитот на планетата Јупитер во пријателскиот знак Стрелец, значи дека пред себе треба да поставите високи цели и полека, но сигурно да ги остварувате. Во преден план ќе излезат среќата, љубовта, задоволствата и креативноста.

2019-та е совршена за хармонизирање на љубовната состојба, за нова љубов или за продлабочување на врската со лицето со кое започнавте однос во текот на претходната година. Љубовта кон себе и позитивниот пристап целосно ќе преовладуваат, така што ќе уживате во убавините и ќе му се радувате на фактот дека после секое страдание, доаѓа откровение. Божјата промисла е на ваша страна и со уште поголема сила ќе го надополни тоа што од претходно го започавте, носејќи ве кон вистинската вредност на емоцијата, духовноста и мудроста. Доколку посакувате проширување на семејството, 2019-та година е одлична за новороденче или за прослава во кругот на семејството, поради свечен чин поврзан со некој од најблиските.

Оптимизмот, повисокото ниво на самодоверба, страста и ентузијазмот нема да ве напуштат, туку уште посилно ќе ве мотивираат кон задоволствата на животот. Искористете го позитивниот транзит на Јупитер и за поактивно спортување, патување, учење, културно воздигнување и за напредок на финансиски план.

Некои од Лавовите ќе имаат можност да остварат врска со странец, односно со единка која почесто патува, спортува или се занимава со јавна професија. Единствено родените од 03 до 13 август треба да пазат на своето здравје, да не се напрегнуваат на психофизички план и да внимаваат на односите кои владеат на работното место. За нив е најкорисно да најдат време за одмор и опуштеност, без премногу да се возбудуваат кога ќе почувствуваат дека другите не ги разбираат и препознаваат нивните прогресивни идеи и вредности. Промената во статусот, пробудената свест и оригиналните можности за напредување, ќе овозможат Лавовите да постават нов темел во животот, докажувајќи по којзнае кој пат дека умеат да водат, да креираат и да излезат како победници и над најлутите непријатели и најголемите предизвици. За да бидат поуспешни, се препорачува уште повеќе да и веруваат на интуицијата, да вложуваат во духовниот развој и да престојуваат на свети места, со цел да се наполнат со позитивна спиритуална енергија. Притоа, неопходно е да станат поселективни во контактите со другите лица и да се дистанцираат од сите оние штетници и енергетски зависници, кои поради себични цели сакаат да бидат во нивно друштво.

Во текот на 2019-та Лавовите ќе го остварат тоа што го посакуваат и конечно ќе расчистат со се што претходно го закочило нивниот личен развој и напредокот во животот.

  ДЕВИЦА

Поставете нови цели и побарајте подлабока смисла и нештата ќе почнат да се движат кон нагорната линија на животот. Паѓајќи на најниската точка од астролошкиот круг, планетата на среќата Јупитер долго време ве заобиколуваше, но од 2019-та година ќе почне постепено да се искачува и позитивно да влијае врз вашиот зодијачки знак. Таа можност не смеете да ја пропуштите, така што ви се препорачува добро да се организирате и да ги утврдите приоритетите.

Заштитата од Сатурн во знакот на Јарец, исто така ќе биде присутна, овозможувајќи придвижување на потенцијалите кон се што позитивно и хармонично ве стимулира и привлекува. Корисно е да вложувате во недвижности, да го проширите семејството и да направите позитивни промени во домот, односно во односот со најблиските. Девиците кои немаат обезбедено станбен простор треба да направат се што е во нивна моќ да го решат тој проблем. Клучот на успехот се крие во определбата да завршите со една фаза од својот живот и постепено да почнете да се подготвувате за отворање нова поперспективна страница на животот. Препораката е емоционално да се отворите, но и да ја заштитите својата интима од сите оние лица кои енергетски ве исцрпуваат и претставуваат закана за вашата психофизичка хармонизација.

Стравовите, неизвесностите и мачнините треба да ги оставите зад себе, зашто Сатурн како планета на карма и искушенија, конечно може да ве награди за вложениот труд и големата трпеливост, откажувања, внатрешни и надворешни борби низ кои претходно поминувавте. Посебно успешна и кармички мошне значајна година ќе имаат родените од 4 до 13 септември. Акцентот треба да го ставите на семејството, љубовта, финансиските и професионални можности. Успехот нема да ве заобиколи, можеби нема да биде присутен во сите домени од животот, но сигурно ќе го постигнете во доменот што најмногу посакувате да се помрдне од мртвата точка. Тоа што долго време го исчекувате, може да пристигне, така што почнете да верувате, да работите и да ги отворате предусловите за реализација на целите.

Обидете се да им помогнете на блиските, посебно ако поминуваат низ тежок период и бидете емоционално поприемчиви за лицата, кои заслужуваат да им посветите поголемо внимание. Во доменот на љубовта, определете се за сигурни, сериозни и стабилни личности и почнете да градите нов похармоничен темел во врската. Сепак, транзитот на Сатурн во полето на среќата и задоволствата укажува дека ќе треба да го заслужите тоа што го добивате, односно дека не смеете премногу да се опуштите и да верувате во својата среќна ѕвезда.

Доколку ви се отвори можност за промена на местото на живеење, определете се за град или држава кои ви гарантираат поголема слобода, опуштеност и развој на потенцијалите.

  ВАГА

Будењето на свеста, препознавањето на своите вредности и иницирањето промени во областа што ви создаде најголеми проблеми во текот на претходната година, треба да биде главниот приоритет. Опции за успех постојат, само треба јасно да ги определите своите цели и да сфатите дека ништо не е поважно од постигнување внатрешен мир, самовредност и среќа во животот. Затоа, обидете се похрабро и поиницијативно да се поставите кон искушенијата и искористете го позитивното влијание на планетата Јупитер за стабилизирање на психофизичката состојба. Тоа подразбира дека е дојден вистинскиот момент да ги подобрите односите со браќата и сестрите, да обезбедите важни документи или склучите нови договори и доколку имате можност да купите нов автомобил, односно да го промените местото на живеење.

Во доменот на љубовта ве очекуваат интересни предизвици и настани полни со подеми и падови. Рационалниот пристап треба да го ставите пред непромисленото предавање на страста и емоционалното врзување, бидејќи транзитот на планетата Сатурн во знакот на Јарец може да ви создаде потешкотии и големи разочарувања. Тоа посебно важи за родените од 04 до 14 октомври, кои мора да бидат максимално внимателни и разумно поставени пред разните искушенија на животот. Негативното влијание може да се одрази врз односите кои владеат во домот, врз сопствениот мир и здравјето на повозрасните членови на семејството, како и врз соработката со авторитетите и јавноста. Како и да е, родените во знакот на Вага ќе мора конечно да разберат дека некои нешта се пред ивицата на пропаѓањето и дека не смеат и понатаму да ги толерираат негативностите и да дозволат бесперспективноста да ја зароби нивната личност.

Проблемите нема да исчезнат преку ноќ, но ни среќата нема вечно да ве заобиколува. Шансата за воспоставување нови вредности и будењето на свеста ќе ви овозможат да вложувате во себе и да го усовршувате своето знаење, бидејќи рационалниот пристап и духовната надградба ќе бидат темелот врз кој ќе ја градите својата животна визија и патот кон мирот, хармонијата и среќата. Значи, неопходно е мудро да постапувате, да согледате со кого си имате работа, да верувате во сопствените вредности и полека, но сигурно да почнете да се ослободувате од се што ви го блокира напредувањето. Искушенијата, притисоците и ограничувањата нема лесно да ве напуштат, така што ќе мора добро да се подготвите и во својот ум да ја вметнете мислата дека колку и да е тешко, на крајот се ќе помине. Родените од 24 септември до 03 октомври не треба премногу да стравуваат од транзитот на планетата Сатурн, зашто неговото негативно влијание го имаа почувствувано во текот на изминатата година.

Затоа, во 2019-та мора да влезат со зголемено ниво на верба, оптимизам и позитивни настојувања кон се што им ја буди среќата, мирот и успехот.

  СКОРПИЈА

Некои нешта повеќе нема да бидат идентични во вашиот живот, зашто време е за радикални промени и за отворање нови патишта во доменот на љубовта, себеразвојот и работата. Тоа посебно важи за родените од 23 до 30 октомври, кои ќе имаат проблеми во односот со другите, недоразбирања на професионален план и потреба за расчистување со се што е старо и непродуктивно во нивниот живот.

Овие промени ќе следат од почетокот на март, кога ќе мора внимателно да им пристапуваат на искушенијата и да не влегуваат во непотребни ризици. Клучот е во аналитичноста, интуитивноста и подготвеноста да не се гради новото врз урнатините на старото. Туку, првично да се расчисти со негативните вибрации, да се елиминира емоционалниот отров и потоа постепено да се отворат новите поубави можности на животот.

Општо гледано, Скорпиите ќе мора да изградат нов систем на вредности и да се фокусираат кон се што го поттикнува нивниот личен развој, креативноста и духовната трансформација. Сатурн го транзитира вашето поле на самосвеста, сообраќајот, договорите, документите, соседите, роднините и начинот на комуникација, така што ќе мора да внимавате какви односи воспоставувате и на кој начин ја трошите својата енергија. Непромисленоста во сообраќајот, импулсивноста во комуникацијата и невниманието во склучување договори може да ви создаде сериозни последици. Затоа, неопходно е да го зајакнете својот систем на вредности и да почнете да барате решение за наталожените проблеми наследени од претходната година, кога емоционално и ментално трпевте големи притисоци и удари на судбината. 2019-та може да ви донесе подобрување на финансиската состојба, затоа вложете ум, креативност и сила во работата и поставете предуслови за напредок во кариерата.

Кармичката точка се наоѓа во полето на странство, така што може да ви се отворат интересни патувања во далечни земји и остварување комуникација со лица кои имаат странско потекло. Учењето нови нешта, успехот во студирањето и промената на животната филозофија се исто така дел од влијанието на Месечевите јазли. Затоа, дадете си шанса на самите себе и престанете да се окупирате со минатото и со лицата кои не ја заслужуваат вашата емоција, енергија и добрина. Одете напред кон перспективите на иднината и очекувате возбудливи настани во доменот на љубовта.

Поставеноста на планетата Уран во полето на партнерството, освен што може да предизвика нагли прекини на љубовните врски, од позитивен аспект може да донесе однос со лице кое е максимално необично, со оригинална професија, либерално во сфаќањата и заинтересирано за спонтан и необврзувачки контакт во љубовта.

Во секој случај, следи интересна година за Скорпијата која има одлична можност за внатрешна трансформација и за целосно будење на потенцијалите. Страста, харизмата и интуитивноста ќе бидат целосно присутни, така што читајте ги знаците и следете го импулсот на новите позитивни можности во животот.

 СТРЕЛЕЦ

Среќата ќе биде на ваша страна, бидејќи по 12 години Јупитер повторно ќе транзитира во вашиот зодијачки знак, овозможувајќи просперитет, напредок и остварување на целите. Позитивниот благодет од влијанието на планетата на среќата ќе го почувствувате во многу домени од животот. Затоа, јасно определете ги приоритетите и тргнете храбро кон предизвиците, зашто ве очекува експанзија, поддршка и нови можности во работата, односно љубовта.

На емоционален план ќе дојде до хармонизирање на односот, а во работата повисоко ниво на креативност и иницијативност. Стрелците кои не се во љубовна врска со својот шарм, енергичност и либералниот дух ќе бидат максимално привлечни за другите, така што не треба премногу да се стегаат, туку да се опуштат и да уживаат во задоволствата на љубовта. Притоа, предност треба да им дадат на лицата кои се статусно и интелектуално изградени, зашто Јупитер како планета на повисоките вредности, секогаш е подарежлив кога се цениме себеси, манифестираме оптимизам и имаме верба дека ќе го добиеме тоа што го заслужуваме. Сепак, нема се да биде идеално, зашто влијанието на Сатурн во полето на материјалното може да создаде финансиски проблеми или потешкотии да се наплати сработеното.

Стрелците ќе треба да внимаваат и на својата телесна тежина и да избегнуваат висококалорична исхрана, доколку не сакаат да си предизвикаат проблеми со здравјето. Им се препорачува што повеќе да престојуваат во природа, да бидат спортски активни, но и да користат мигови на одмор за ревитализирање на својата енергија и за бегство од лицата и ситуациите кои ги трошат и вознемируваат. Со еден збор, клучно е да внимаваат на себе и да не се опуштаат премногу, зашто неретко токму транзитот на Јупитер создава индолентност и чувство дека не треба многу да се работи и размислува за последиците, бидејќи среќата ќе придонесе се да си дојде на вистинското место.

Ризикот произлегува и од влијанието на Месечевите јазли во полето на скриените опасности, борбата и искушенијата, така што иако среќата ќе биде присутна, добро е да се знае дека ништо не е вечно. Тоа значи дека не треба непромислено да се дејствува, напразно да се троши енергијата и да се уништат потенцијалите за создавање нови поубави перспективи во животот. Среќата ќе пристигне, но таа не треба се злоупотреби или да се дозволи лесно да одлета, оставајќи ги работите недовршени и недоволно искористени.

Како и да е, овој редок Јупитеров транзит дава шанса Стрелците да ги изразат и реализираат сите свои потенцијали и да покажат дека умеат да се справат и со најголемите искушенија и потешкотии на животот. Контактите со странство и патувањата мошне позитивно ќе влијаат врз вашата личност.

  ЈАРЕЦ

Полека, но сигурно се искачувате кон врвот и ги оставате зад себе проблемите, ограничувањата и потешкотиите со кои се соочувавте во текот на претходната година. Благодарение на силната волја, упорноста, духовниот потенцијал и подготвеноста храбро, достоинствено и решително да се справите со негативните лица и ситуации, нештата почнаа да ви се отвораат и да ветуваат многу похармонична перспектива. Затоа, отфрлете го старото и со уште поголем ентузијазам, позитивен дух и оптимизам прифатете ги новите можности на животот.

Транзитот на планетата Сатурн во вашиот зодијачки знак треба да ве научи повеќе да се цените и да внимавате на самите себеси, зашто тешките животни лекции, болките и страдањата, а со кои се соочивте во претходниот период, произлегоа од погрешниот впечаток дека не заслужувате да ја вкусите посреќната и похармонична судбина. Песимизмот, нерешителноста, пасивноста и стагнацијата се надминати и сега е време да почнете да уживате и да им се радувате на убавите мигови на животот. Тоа не значи дека треба целосно да се опуштите, туку уште поупорно и настојчиво да работите кон се што ја привлекува и стимулира вашата личност.

Во тој поглед, неопходно е љубовта да ја поставите врз здрави темели и да не им дозволите на површните, неморални и лабилни личности да ве окупираат на емоционален план. Напротив, предност дадете им на партнерите кои држат до самовредноста, моралот, стабилноста и љубовната сродност и посветеност.

Позитивното влијание на планетата на оригиналноста Уран може да ви донесе повисоко ниво на страст, привлечност и големи задоволства во љубовта. Единствено треба да внимавате на непланирана бременост, доколку не сте подготвени за такво нешто. Јарците кои имаат деца, неопходно е да ги мотивираат кон реализирање на своите таленти, да ги осамостојат и да им помогнат да постигнат нешто големо и значајно во својот живот.

Скриената среќа максимално ќе биде присутна, така што во одреден период од годината ќе имате впечаток дека на вашето десно раме се наоѓа ангелот на спасот и светлината. Сатурн како планета на кармата ќе ви донесе судбински настани, кои да се надеваме ќе бидат со позитивен исход, затоа направете се што е во ваша моќ ризиците, негативците и лошите влијанија да бидат што подалеку од вашата личност.

Тоа посебно важи за родените од 01 до 11 јануари, кои ќе мора многу повеќе да внимаваат какви потези влечат во текот на 2019-та година. Исклучително позитивни можности за напредување и за хармонизирање на својот живот ќе имаат родените од 22 до 29 декември.

Во секој случај, Јарците се силен, трпелив и упорен зодијачки знак, кој успева да се справи со ограничувањата и искушенијата, само потребно е да ги утврди своите цели и да работи на искоренување на несвесната потреба успехот да го постигува на потешкиот начин.

 ВОДОЛИЈА

Време е да поставите нови цели во животот и да се заинтересирате за својата егзистенцијална состојба, бидејќи определбата да им помогнете на другите предизвика да се запоставите самите себеси. Потенцијали за постигнување успех постојат, посебно доколку пронајдете нова мотивација и почнете од корен да ги расчистувате стегите од минатото.

Транзитот на Јупитер во полето на пријателите, животната смисла, цел и визија ветува отворање поперспективна страница во животот и раздвижување на работите во љубовта и надминување на ограничувањата во професијата. Иако, Сатурн ќе ја оптоварува вашата потсвест и ќе ви наметнува товари произлезени од притисоците и очекувањата кои кон вас ќе ги имаат другите луѓе, сепак со правилен и аналитичен пристап многу нешта ќе разрешите и ќе се дистанцирате од негативните влијанија. Ви се препорачува да внимавате во односите што владеат на работното место, зашто можни се ниски удари, завидливост и проблеми во искажувањето на своите вредности. Исто така ви се препорачува да внимавате во комуникацијата со некој од роднините, кои нема да ги разберат вашите настојувања да им помогнете да го фатат позитивниот, стабилен и морален курс на животот.

Сепак, 2019-та ќе биде година на дружење, соработки, нови пријателства и интересни настани, така што не ви се препорачува изолација и престој на места кои зрачат со негативна енергија. Добро е доколку ги избегнувате енергетските вампири, односно бидете подалеку од сите оние лица кои се заинтересирани за вас, единствено кога имаат потреба да ги експонираат своите проблеми и да бараат разни услуги. Селективноста и промисленоста во постапките ќе ви бидат нужно потребни. Затоа, внимавајте кој и со што ментално ве товари и не дозволувајте и самите себе да се товарите со лица и работи за кои не вреди емоционално и енергетски да се изместувате. Поттикнете ги блиските да го преземат делот од одговорноста и лично да платат за грешките и пропустите кои ги направиле во текот на животот. Од март ќе ви се отвори позитивна можност за изучување нови работи, за преселување, средување, односно реновирање на домот. Оваа година ќе биде клучна за утврдување на вашите потенцијали во работата, љубовта и финансиите. Опции за постигнување успех постојат, само ќе треба да направите проценка на состојбите кои го стопираа вашето напредување и не ви овозможуваа да се чувствувате мирно и опуштено.

Иако во последно време парите ви се нужно потребни, одлуките во поглед на љубовта, преселувањето и работата не ги носете според материјалниот интерес, туку барајте го решението според емоционалната и духовна стабилност на личноста. Тоа подразбира да размислите што има трајна вредност и да сфатите дека основа на среќата е мирот во душата и исполнетоста на срцето со сродност и посветеност.

  РИБИ

Транзитот на Месечевиот јазол во полето на љубовта, задоволствата и креативноста ќе ви донесе голема магнетска привлечност и можност за целосна трансформација во животот. Страста, харизмата и интуитивноста ќе бидат максимално присутни, така што читајте ги знаците и следете го импулсот на промената, бидејќи работите повеќе нема да бидат, какви што некогаш беа. Тоа значи дека повеќе не треба да се доживувате како жртва на негативните и себични луѓе, туку да ги преземете работите во своите раце и да направите нешто корисно и значајно во животот. Доколку планирате да го проширите семејството, да инвестирате во недвижности или да го промените местото на живеење, шансите за такво нешто ќе бидат големи.

Планетата Сатурн нема да го блокира вашето напредување и да ви предизвикува болки и страдања, какви што имавте во изминатите години. Иако се нема да биде совршено, сепак вие сте учени да се борите против разните притисоци, неизвесности и удари на судбината. Препораката е да манифестирате силна волја, оптимизам и борбеност и да не дозволите стагнацијата, ограничувањата и негативните влијанија да ја оптоваруваат вашата личност. Колку повеќе сте ментално свесни, духовно силни и емоционално отпорни, толку помалку ќе бидете жртви на туѓите песимистички сугестии, кои многу лесно може да ве оттргнат од патот на позитивната промена и себереализацијата. Главно е да не дозволите негативните лица и ситуации да ве блокираат на енергетски план и направат несигурни, плашливи и малодушни.

Клучот на успехот освен во јакнењето на својот дух, ќе биде и во расчистувањето со минатото и ослободувањето од чувствата насочени кон нештата кои поминале. Време е да почнете многу повеќе да верувате во себеси и да сфатите дека тоа што поминало не се враќа, така што наместо кон минатото, многу покорисно е да се свртите кон сегашноста и да ја оплодите иднината со цел, смисла и визија.

Транзитот на Јупитер ќе ви донесе одлични можности за подобрување на статусот, напредок на работното место и вложување во кариерата. Силната волја, борбеноста и иницијативноста мора да бидат вашето најсилно оружје и во комбинација со интуицијата да ви го подобрат љубовниот и професионален статус, создавајќи нова похармонична фаза во животот. Со еден збор, самодовербата треба да ви помогне поуспешно да се справите со ограничувањата и да го постигнете тоа што долги години со нетрпение го очекувате.

Влијанието на Уран во полето на свеста и знаењето може да ви донесе патувања, контакти со странци или работа за странски компании, успех во образованието и стекнување диплома. Тоа посебно важи за родените од 20 до 26 февруари, кои ќе имаат одлични можности за напредок и реализација во работата, односно љубовта. Перспективни можности за успех на финасиски и професионален план, како и за стабилизирање на животот ќе имаат и Рибите родени од 1 до 11 март.