Годинава ќе купуваме грчко брашно од македонска пченица

221
Durum Wheat

Дождот им ги помати сметките на земјоделците. Покрај тоа што долго го очекуваа сега и тие велат доста е веќе дожд, бидејќи многу влага може да им штети на житните култури. Земјоделците незадоволни од минатогодишната ниската цена на пченицата годинава ја засадија на помали површини, бидејќи како што велат не сакаат мелничарите да ги уценуваат и да увезуваат пченица од Србија и Бугарија. Минатата година голем дел од нашата пченица се извезе во Грција и Албанија и сега ние ќе купуваме грчко брашно од македонска пченица.

Голем дел од нивите се уште не се посеани, а поради дождот ни земјоделците ни механизацијата не можат да влезат во нив. Поради тоа тие бараат од Платежната агенција годинава да го одложи рокот за поднесување на барања за субвенции, наместо 1 јуни краен рок за аплицирање да биде 1 јули. Проблем е со тутунот кој сè уште не е посаден, а и некои видови пролетна пченка. Што се однесува до оние земјоделски култури кои се засадени, земјоделците велат дека засега добро напредуваат.

– Чекаме да престане дождот и да продолжиме да работиме по нивите. Во Пелагонија наврна над 50 литри на метар квадратен што е доволно за овој период, бидејќи и многу влага не е добра за житата, вели претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.

Голем дел од земјоделците поради ниската цена минатата година, годинава пченицата ја засадија на помали површини, а некои од нив пченицата и јачменот ги заменија со други култури.

– Сега наместо да произведуваме пченица, ние ќе увезуваме од Србија и Бугарија. Поради ниската цена голем дел од земјоделците се откажаа од садење пченица. Мелничари не ја откупуваа домашната пченица бидејќи била неквалитетна, поради тоа голем дел од пченицата се извезе во Грција и Албанија. Така сега ние ќе купуваме грчко брашно со македонска пченица, вели Тантаров.

И агрометоролозите сметаат дека неделава наврна доволно дожд за да се засити површинскиот слој на почвата. Ако наврне повеќе може да дојде до презаситување на почвата и водата да навлезе во подлабоките слоеви на почвата, а тоа да влијае на извршување на земјоделските работи на отворено, бидејќи поради преголемата влага не ќе може да се влезе во нивите да се врши сеидба и останати земјоделски операции.

Според нив, дождот може да направи проблем и на пролетните култури, односно оние култури кои не се никнати да не можат да никнат, а оние кои веќе се никнати поради дождот да имаат бавен раст. Врз тоа ќе влијае и температурата на воздухот која во наредниот период ќе биде околу 20 степени, а пролетните култури бараат повисоки температури. (А.С.)