Германски иследници ќе истражуваат дали падот на авионот кај Вилнус е несреќа

755

Германија испрати свои иследници за да ја утврдат причината за несреќата кога авион со ДХЛ-пратки, што полета од Лајпциг, се урна во Литванија, во близина на аеродромот во Вилнус.

Несреќата се случи вчера рано изутрина, а во текот на вчерашниот ден немаше информација дали станува збор за несреќа или за падот има некоја друга причина.

Авионот на шпанската авиокомпанија „Свифт ер“ се урна еднаш до станбена зграда, при што загина едно, а повредени се три лица.

На крајот на август германските безбедносни служби предупредија на  „неконвенционални запаливи“ пратки, кои биле испраќани преку ДХЛ од непознати лица. Службата за заштита на уставот и Сојузната криминалистичка служба, како што пишува „Дојче веле“ тогаш издадоа предупредување кое го упатија до компаниите од логистичката бранша и воздухопловството. Досега нема сознанија за можна поврзаност со вакво нешто, изјави портпарол на Министерството за внатрешни работи.

Предупредувањето тогаш во безбедносни кругови се поврзуваше со инцидент во логистичкиот центар на ДХЛ во Лајпциг, каде што во јули годинава се запали пакет испратен од Балтикот кој содржел запаливо средство. Во безбедносните кругови не се исклучува поврзаност на случајот со зголемени случаи на руска саботажа во Германија.

ИЗДВОЕНИ