Германија да излезе од ЕУ и да го отфрли еврото, бара најпопуларната кандидатка за канцелар, Алис Вајдел

386

Партијата бара граѓаните на Германија да се изјаснат за членството во Европската Унија, затоа што досега не биле прашани за тоа. Но, најновите анкети покажуваат дека 87 отсто од Германците би гласале за останување во Унијата. Вајдел во анкетата за можен иден канцелар што Германскиот институт за испитување на јавното мислење ИНСА ја направи за потребите на весникот „Билд“, доби најмногу, дури 24 отсто од гласовите на испитаниците, а се прогнозира дека партијата што ја води ќе биде втора на парламентарните избори закажани за крајот на февруари. Поддршка на АФД, партијата која многумина ја сметаат за неонацистичка, даде и Илон Маск.

 

Популарноста на ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) е во пораст. Нејзината лидерка Алис Вајдел води во анкетите за можен кандидат за иден германски канцелар по заминувањето на Олаф Шолц, кој ја изгуби довербата.

Во пресрет на предвремените парламентарни избори во Германија за својата политичка програма партијата ќе расправа во јануари, а таа содржи предлози кои, кога би се реализирале, би направиле целосен пресврт во германската политика, а и во економијата.

Ултрадесничарската партија се залага за референдум за напуштање на ЕУ – дегзит, а на прво место во нејзината програма е политиката против миграцијата и имиграцијата, пишува „Дојче веле“. Во документот се наведува дека е неопходно Германија да ја напушти Европската Унија и да формира нова Европска заедница, нешто слично на онаа што беше пред создавањето на ЕУ. Таа заедница би била „Европа на различни нации“, која би имала само заеднички пазар и би претставувала „заеднички економски и политички интереси. Излегувањето од ЕУ би значело и отфрлање на заедничката европска валута евро.  Партијата бара граѓаните на Германија да се изјаснат за членството во Европската Унија, затоа што досега не биле прашани за тоа. Но, најновите анкети покажуваат дека референдумот што го бара АФД  не би бил во нејзин интерес. Истражување на фондацијата „Конрад Аденауер“ покажа дека дури 87 отсто од Германците на референдум би гласале за останување во Унијата.

Освен ова, во агендата на партијата е и повторно активирање на германските нуклеарни централи за производство на електрична енергија. Се смета дека со тоа што нуклеарките беа исклучени Германија добила најскапа струја во Европа.

Екстремно десната партија АФД за првпат по Втората светска војна победи на избори во Германија во септември годинава. Таа доби најмногу гласови на регионалните избори во покраината Тирингија, а беше втора во Саксонија.

Сега, по изгласувањето недоверба на германскиот канцелар Олаф Шолц предвремените избори за парламентот, односно за Бундестагот, се планирани за крајот на февруари. Прогнозите се дека АФД нема шанси да победи на тие избори, но дефинитивно ќе ја покаже својата зголемена моќ. Анкетите покажуваат дека оваа партија за која во јавноста владее мислење дека ја водат фашисти ќе освои близу 20 проценти од гласовите и со тоа ќе избие на второ место. Лидерката Вајдел, пак, во анкетата за можен иден канцелар што Германскиот институт за испитување на јавното мислење ИНСА ја направи за потребите на весникот „Билд“, доби дури 24 отсто од гласовите на испитаниците, за првпат оставајќи го зад себе Фридрих Мерц од партија на поранешната канцеларка Ангела Меркел, ЦДУ, кој доби 20 проценти. Вајдел сега е најпопуларна германска политичарка. Шолц, пак, кандидатот на германските социјалисти (СПД) освои само 15 отсто од гласовите, а кандидатот на „зелените“ Робер Хабек еден процент помалку од него.

Но дури и да ги освои очекуваните гласови на изборите во јануари, АФД нема да може да формира влада, зашто ниту една партија не сака да коалицира со неа, поради нејзиниот рејтинг на нетолерантна партија која се поврзува со неонацизмот. Тоа се случи и по одличните резултати во Тирингија и Саксонија. Тогаш Шолц ги повика партиите да формираат влада без АФД, оценувајќи ги резултатите од гласањето загрижувачки.

-Нашата земја не смее да се навикне на ова. АфД ѝ штети на Германија. Таа ја ослабнува економијата, го дели општеството и го уништува нашиот углед, кажа тогаш Шолц.

Но, АФД деновиве преку мрежата ИКС  доби поддршка од Илон Маск, кој ќе биде дел од администрацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. Ова  дополнително ја зајакна позицијата на партијата и на нејзината избраничка за иден канцелар.

Алис Вајдел, 46-годишната поранешна банкарка во „Голдман Сакс“ со докторат по економија на партијата АФД во која членувал нејзиниот татко се приклучила во 2013 година. Таа живее нетрадиционален живот, спротивен на  вредностите за кои се залага нејзината партија. Вајдеј е лезбијка, во врска со Сара Босард, имигрантка од Шри Ланка која била посвоена од семејство во Швајцарија. Тие иамаат два посвоени сина и живеат во центарот на градот во непосредна близина на населба во која има џамии и се среќаваат муслимани. Вајдел со години живеела во Кина, а има куќа во Швајцарија, каде што живее.