Германија, Австрија, Хрватска… ги прибираат работниците кои за нашите газди не се доволно квалификувани

707

Од агенциите за посредување при вработување во странство алармираат дека секоја година се поголеми армии од македонски работници, без разлика на образованието и квалификациите, ја преминуваат границата и најчесто низ европските земји се фаќаат за работи за кои не се остручени, а голем дел и се преобразовани. Некои од нив одат да работат сезонски, неколку месеци, за да заработат и кога ќе дојдат дома со тие пари да закрпат некоја дупка. Но, сè поголем станува бројот на оние што ги користат сите можности да останат во земјата од која имаат виза, да најдат соодветно вработување на образованието и да градат кариера.

 

Македонските работодавци, без разлика дали работат со домашен или странски капитал, упорно бараат обучени работници, па за да ги квалификуваат дури и користат странска помош. За тоа време, работниците буквално им се лизгаат низ раце, заминуваат на работа во странство, зашто таму работодавците не само што повеќе плаќаат туку и не се толку пребирливи.

Од агенциите за посредување при вработување во странство алармираат дека секоја година се поголеми армии од македонски работници, без разлика на образованието и квалификациите ја преминуваат границата и најчесто низ европските земји се фаќаат за работи за кои не се остручени, а голем дел и преобразовани. Некои од нив одат да работат сезонски, неколку месеци, за да заработат и кога ќе дојдат дома со тие пари да закрпат некоја дупка. Но, сè поголем станува бројот на оние кои ги користат сите можности да останат во земјата од која имаат виза, да најдат соодветно вработување на образованието и да градат кариера.

Агенциите за весникот „Вечер“ информираат дека од година на година сè поголем број лица преку нив бараат работа во Германија, иако таа земја е една од најрестриктивните во побарувачката на работна сила од странство. За работа во Германија веќе “не пали” течниот англиски. Се бара исклучиво познавање на германскиот јазик, но на пониските нивоа А1 и А2.

Исто така, германските работодавци бараат работници на возраст до 40 години, а образованието и квалификациите не им се битни. Најмногу работа се нуди во гастрономијата, каде што најмногу работници бараат рестораните за брза храна Мекдоналдс и Бургер Кинг. Платата е минимална, изнесува 9,25 евра на час бруто во кои влегува и пензискиот стаж, или околу седум евра нето, што значи дека месечните примања се движат меѓу 1.200 и 1.300 евра, што сепак, е малку за живот во Германија.

-Сместувањето на кандидатите за почеток им го обезбедуваме ние од агенциите, додека се снајдат, но го организираат и некои работодавци. Кога ќе се одбијат сите трошоци, заработката е мала. Сепак, сè зависи од намерата со која се отишло на работа во Германија. Некои одат само за да не бидат тука, а некои за да заработат, информираат од една скопска агенција која посредува за работа во Германија.

Оттаму додаваат дека првата виза се вади во Германската амбасада во Скопје и таа е на шест месеци, но се добива само со склучен договор за работа. Според информации од амбасадата, секој ден за виза кај нив аплицираат во просек по околу шеесетина лица.

Посредниците за вработување, пак, брифираат дека оние кои добиваат работа во Германија потоа визата ја продолжуваат таму, а бидејќи во угостителството за германскиот минималец работат и лица со високо образование, најчесто тие потоа аплицираат за други подобро платени и посоодветни работни позиции.

Во Германија, Шведска и други развиени европски земји многу се барани и негувателите на стари лица, по во последно време голем број повозрасни жени со различни занимања, кои тука останале без работа, добра егзистенција си обезбедуваат чувајќи стари лица во странство. Имаат бесплатен стан и храна и плата што надминува 1.000 евра.

Австрија, пак, не дава визи, па затоа нашите таму одат да работат со бугарски пасош. Има работа во угостителството, конкретно во Мекдоналдс, за каде е потребно познавање на англискиот јазик и во градежништвото, за каде не се бара знаење светски јазик. Ангажманот е главно на шест месеци до една година, но има можност да се продолжи многу повеќе, па ако се најде добра работа да се пресели семејството таму.

-За работа во градежништвото одат луѓе со занимања од таа област, меѓу нив има и со основно образование. Но, половината од оние кои ги праќаме на работа во Мекдоналдс се со факултетски дипломи. Тие обично работат во ресторан додека го научат јазикот, а потоа си бараат подобра работа и остануваат подолго во Австрија, вели за весникот „Вечер“ Емилија Лазарова од агенцијата Вест конкет.

Таа појаснува дека австриските работодавци ги преферираат работниците на возраст до 30, или максимум 35 години, но се случува да вработат и постари, до 45 години. Во Мекдоналдс нето платата за 40 часа неделно е 1.200 евра нето, работниците сами си го плаќаат сместувањето, но имаат еден бесплатен оброк дневно. Работниците во градежништвото се подобро платени, со 1.860 евра месечно нето за 38-часовна работна недела. Тие имаат платено сместување, но не и храна. Сите кои работат во Австрија имаат платено здравствено и пензиско осигурување. Во градежништвото ангажманот е подолготраен, а се дава и 13-та и 14-та плата.

Многу поедноставно, без виза и без бугарски пасош, за нешто помала плата, но поголема можност за заработка, работа се наоѓа и тука близу, во регионот, во Хрватска, Црна Гора, Словенија, Бугарија. За таму обично не е потребно посредство на агенција, туку работата лесно се наоѓа и преку огласите на социјалните мрежи, но и преку пријатели кои веќе работат таму.

Лиценцираните агенции за посредување при вработување во странство информираат дека оваа година хит дестинација е Хрватска, каде нашинците работат за 600 до 1.000 евра месечно, но работодавците им обезбедуваат сè, од работни дозволи, бесплатно сместување и храна, до платен превоз до дома.

Најмногу или безмалку целата понуда за работниците од земјите кои не се во ЕУ, вклучувајќи ја и нашата држава, е во угостителството и е сезонска, на три и повеќе месеци, односно додека трае туристичката сезона. Интересно е тоа што хрватските работодавци ги преферираат работниците на возраст меѓу 30 и 50 години, зашто ги сметаат за искусни, поумешни и поквалификувани од помладите.

За македонските “номади“ работата во Грција е одамна апсолвирана тема. Социјалните мрежи се преплавени со понуди за работа во угостителството и земјоделството кај нашиот јужен сосед.

Работата е сезонска, од рана пролет до доцна есен, но во нашата држава има голем број мажи и жени кои со години работат во Грција и со заработката од шесте месеци пристојно живеат цела година. Според огласите, годинава платите се движат од 800 до 1.000 евра, со платени храна и сместување. Некои грчки работодавци бараат за работа жени на возраст и над 50 години.

-Веќе една деценија преку лето работам како собарка во хотел во едно грчко летувалиште. Платата ми е 1.000 евра, но некогаш газдите, кои ми станаа како семејство, даваат и повеќе. Сè ми е платено, па заштедувам доста. Цената ја плаќам со тоа што сум далеку од семејството, но Грција сепак не е преку свет. Со спечалените пари за неколку години по ред постепено ја реновирав куќата и ги обновив целиот мебел и покуќнина, што немаше да успеам ако работев тука. Тргам и на страна за старите денови, зашто немам доволно стаж за да добијам пензија, вели една средовечна скопјанка.

Малта последнава деценија се наполни со македонски работници. Таму се оди со намера да се спечали за да се почне бизнис дома, но има и семејства кои ги затвораат бизнисите дома за да работат на ниски позиции во Малта, а потоа да го продолжат бизнисот таму. Се селат и цели семејства.

Италија, пак, е најчеста дестинација за жителите на местата на истокот на земјата. По принципот „еден оди десет води“, веќе цели градови во тој дел на државата се испразнија. Во Италија се работи во земјоделството, текстилната индустрија, градежништвото… а наместо посредник за вработување обично е потребен пријател.

Како и претходните, така и ова лето не изгубија на актуелност и студентските 90-дневни аранжмани во САД, преку кои се работи и се шета низ големата држава. Од престојот во САД студентите се враќаат со заштеда, зашто покрај договорената работа оттука, таму наоѓаат уште една или две.

Од агенциите кои ги нудат овие аранжмани велат дека интересот е сè поголем, но Американската амбасада последниве години е многу порестриктивна во давањето визи, па помалку им ги одобрува на студентите од завршните години.

Младите од Македонија ја сакаат и работата на брод. Но, по малверзациите што ангажираните работници од Балканот ги правеа пред неколку години, работодавците сега се многу поселективни при изборот. Моментално хит-позиција е пожарникар на брод.

(С.В)