„Finance Think“ ја публикуваше студијата „Фискалниот простор на Западен Балкан: докази од скорешната повеќеслојна криза“. Целта на оваа студија е да изврши преглед на фискалниот простор на земјите од Западен Балкан, кој беше значително затегнат како резултат на кризата со цените на енергенсите и на храната. Преку приказ на динамичните движења на буџетските дефицити и јавниот долг, беа извлечени трендови во текот на претпандемскиот период, пандемијата со ковид-19, како и за скоршената енергетска криза и кризата со цените на храната.
Умереното задолжување и делумно стабилните буџетски дефицити пред пандемијата овозможија владите од Западен Балкан да обезбедат голема буџетска поддршка за справување со пандемската криза во 2020 и 2021 година. Иако беа видливи знаци на заздравување во 2021 година, фискалниот простор дополнително се влоши како резултат на геополитичкиот конфликт помеѓу Русија и Украина. Фискалната консолидација ќе биде клучна за следниот период, како на расходната така и на приходната страна. Потребно е да се зголеми наплатата на даноците со спречување на сивата економија и да се намалат јавните издатоци, особено оние наменети за нецелна поддршка.
За разлика од фискалната експанзија во пандемскиот период во 2020 и 2021 година, резултатите покажуваат дека во текот на енергетската криза и кризата со цените на храната, можноста за имплементација на фискалните пакети е значително ограничена поради намалениот фискален простор. Со други зборови, доколку земјите од Западен Балкан воведат поголеми антикризни пакети во текот на тековната криза, тоа би влијаело врз фискалниот простор во поголема мера отколку во текот на претходните кризи. Оттука, неопходно е да се градат буџетските резерви во текот на некризни периоди, со цел да се обезбеди простор за интервенција кога е најпотребно.
Енергетската криза ги истакна слабостите на енергетскиот сектор на Западен Балкан и оттука оваа студија дава осврт и на енергетскиот сектор, преку анализа на регионалните инвестиции во енергетиката, како и на мерките што ги воведоа владите од Западен Балкан за справување со енергетската криза. Позитивен исход од овој период е фактот што во среднорочните фискални стратегии на земјите од Западен Балкан се предвидуваат и поголеми инвестициски планови за развој на енергетскиот сектор, кои се клучни за спречување идни шокови од ваков тип, како и за намалување на дополнителниот притисок врз фискалната политика.
Во сегментот за Македонија, дополнително беа проценети субвенциите за електрична енергија и преку квантитативна анализа беше анализиран нивниот ефект врз јавните буџетски расходи. Прогласувањето енергетска криза од крајот на 2021 година натаму овозможи ЕСМ да му продава струја на универзалниот снабдувач по цена пониска од пазарната, со што се субвенционираа сметките на приближно 611.000 домаќинства и за 68.000 мали потрошувачи. Со тоа, ЕСМ обезбеди 100 % од електричната енергија на регулираниот пазар по субвенционирана цена. Разликата во цената на електричната енергија помеѓу индустријата и домаќинствата во Северна Македонија забележа драматичен раст во 2022 година. Оттука, согласно со разликата на цената на електричната енергија помеѓу индустријата и домаќинствата, беа проценети субвенциите одвоени за домаќинствата во текот на енергетската криза.
Во 2022 година, субвенциите за електрична енергија за домаќинствата достигнаа 3,2 % од БДП или 9,2 % од јавните расходи. Сепак, во првата половина од 2023 година, се забележува нивно значајно намалување. Наодите од студијата укажуваат на потенцијално истиснување на расходите за здравство и за социјална заштита, како резултат на зголемената буџетска поддршка за субвенции за електрична енергија. Односно зголемувањето од 1 процентен поен на субвенциите за електрична енергија (изразени во % од БДП) е поврзано со намалувањето на јавните расходи алоцирани за здравството и за социјалната заштита од 0,87 до 0,93 процентни поени и од 2,07 до 2,26 процентни поени од БДП, соодветно.
Овој наод е особено релевантен, имајќи го предвид тесниот фискален простор во С Македонија, иако процесите на фискална консолидација се започнати. Ослободувањето на буџетскиот простор од прекумерните субвенции за електрична енергија може да обезбеди простор за структурни реформи и инвестиции во поквалитетни јавни услуги и целни мерки за најранливите категории граѓани. На ова се надоврзува и потребата од зголемување на енергетските капацитети и намалување на зависноста од увоз, што ќе придонесе кон долгорочна отпорност и предвидливост, покрај можните предизвици што би следувале во иднина.
Дополнително, потребно е да се обрне внимание на потенцијалното истиснување на јавните здравствени и социјални расходи, како резултат на зголемените субвенции за електрична енергија, кои нудат привремено решение, без долгорочен бенефит. Оттука, важно е да се разгледа нивното намалување не само од буџетска перспектива туку и од перспектива на долгорочен економски и социјален развој, кој може да се постигне преку поголеми инвестиции во подобрување на инфраструктурата и услугите во јавниот сектор.
Препораките од студијата одат во насока на заштита на ограничениот фискален простор во следниот период, преку намалување на субвенциите за електрична енергија до крајот на 2024 година, придружено со директни трансфери за најранливите домаќинства, што ќе овозможи фискален простор за повеќе и поквалитетни други јавни услуги, како и зголемени инвестиции во енергетскиот сектор, придружено со подобрена енергетска ефикасност за потрошувачите.