Како играч, Пеп Гвардиола за Барселона одигра 384 натпревари и со неа освои 15 титули, од кои шест за најдобриот тим во шпанското првенство. Како тренер ја водеше на 247 натпревари од 2008 до 2012 година и остави неизбришлива трага. Со него на клупата, Барселона беше трикратен освојувач на Ла Лига и двапати најдобар тим во Лигата на шампионите, освојувајќи вкупно 14 трофеи.
Ако сите мечеви се сведат на бодови, тој просечно освојувал 2,37 бода по меч со сооднос од 179 победи, 47 нерешени и само 21 пораз. Ако некој знае како е во Барселона, знае тој кој беше нејзин член од 1984 година, кога пристигна како 13-годишник, до 2001 година, а потоа повторно од 2007 до 2012 година. Сепак, зад сите успеси на клубот стојат и проблемите кои не се премногу познати.
“Верувам дека Барса не треба да го менува својот модел. Секој што ја гледа однадвор, гледа дека е нешто друго. Тоа е клуб со харизма и посебен мирис. Можеш ли да дадеш поголем комплимент од тоа?”, изјави Гвардиола кој ја продолжи својата тренерска кариера во Баерн (М), а сега реди успеси и во Манчестер Сити.
Трофејниот каталонски стручњак се сомнева дека работите ќе се променат во Барселона.
„Отсекогаш било така и секогаш ќе биде така. Сите сме го поминале тоа. Во Барселона секој ден доаѓаат удари од сите страни. Најмногу болат оние од клубот. Во Барселона се водат мали војни. За вашето здравје е најдобро да не учествувате во нив“, додаде Гвардиола.