Во чест на Ванчо Николески: Балкански поетски камп во Охридско

333

Со младински поетски камп што од денес до 20 овој месец ќе се одржува на повеќе атрактивни локации во Охрид, Дебрца и дебрчкото село Црвена Вода ќе се обновува споменот на писателот – втемелувач на македонската литература за деца и млади, легендарниот Ванчо Николески.

Учесниците на кампот, деца и млади од повеќе држави на поширокото подрачје на Балканскиот полуостров ќе творат и другаруваат на манифестацијата што ја организира Здружението за култура и литература „Мацково” од Охрид.

Ванчо Николески има објавено триесетина романи, поеми, збирки поезија, збирки раскази, сликовници, приказни и бајки. Децата го познаваат преку романот „Волшебното самарче” и по поемата „Мице”.

Во 1946 година ја објави првата поетска збирка на македонски јазик „Македонче”. Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Климент Охридски” и „Младо поколение”. Во негова чест Друштвото на писателите на Македонија, секоја година ја доделува наградата „Ванчо Николески” за книга за деца и млади.