Актуелниот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, го запиша 18. триумф сезонава, откако победи во спектакуларната трка за Големата награда на Лас Вегас. За Холанѓанецот ова е вкупно 53-та победа во најбрзиот циркус со која се изедначи со Себастијан Фетел на вечната листа, а пред себе сега ги има само Михаел Шумахер (91) и Луис Хамилтон (103).

Пресметката во „градот на гревот“ беше за паметење, со претекнување речиси во секој круг, а безбедносното возило двапати го смируваше адреналинот на учесниците. Херој на денот беше возачот на Ферари, Шарл Леклер, кој буквално во последниот свиок фантастично го престигна Серхио Перез и му го „украде“ второто место.

Верстапен победи и покрај казната од пет секунди, додека Перез дојде до подиумот и покрај фактот што стартуваше од дури 11. позиција. Леклер и покрај фантастичниот потег на крајот заврши со едно место полошо со оглед што трката ја почна од пол-позицијата, додека зад водечката тројак се најдоа Естебан Окон (Алпин), Ленс Строл (Астон Мартин), Карлос Саинц (Ферари), возачите на Мерцедес Луис Хамилтон и Џорџ Расел, Фернадо Алонсо (Астон Мартин) и Оскар Пјастри (Мекларен).

Инаку, Верстапен, испрати остри критики пред трката во Лас Вегас, која за прв пат се одржа во американскиот град. Тој пред неколку дена изјави дека тоа е „99 проценти шоу и еден процент трка“, а пред самата трка повторно ја критикуваше организацијата, во кои заврши на третото место.

  • Трката во Монте Карло е Лигата на шампионите, а ова е како Лигата на нации. Разбирам дека е потребно шоу, но немам емоции за оваа трка. Го сакам Лас Вегас, но не да се тркам во него, туку да излезам и да става се на црвено на рулетот, изјави Холанѓанецот.