Бродвејскиот мјузикл „Ени Јуниор“ изведен во Скопје на македонски јазик

157

Мјузиклот „Ени Јуниор“, кој првпат беше изведен на сцената на Бродвеј во 1977 година, во преработка на македонски јазик, беше одигран во Драмски театар во Скопје.

Првиот лиценциран бродвејски мјузикл за деца и младинци „Ени Јуниор“ е проект на Здружението за инклузивно и неформално образование „КРЕО-АКСИС“ , што се спроведе под водство на Наташа Лалчевска, музички педагог и хорски диргент.

Учесниците во мјузиклот се на возраст од осум до шеснаесет години, а главните улоги ги толкуваат Неда Димкова како Ени, Магдалена Алексовска како г-ца Хениген, Лара Иванова како Грејс Фарел и Симеон Коруноски како Оливер Ворбакс.

Лалчевска истакна дека се одлучила токму мјузиклот „Ени Јуниор“ да биде преведен на македонски јазик бидејќи носи многу силна порака, односно како што рече таа, не учи на многу важна животна лекција „во срцето чувајте го семејството, во мислите визијата за подобро утре и секогаш бидете дотерани со убава насмевка“.

– Приказната за Ени се случува во триесетите години во Њујорк, за време на големата економска криза, позната како Големата Депресија. Уште како бебе, родителите ја оставиле Ени пред портите на сиропиталиштето, со писмо во кое и ветуваат дека еден ден ќе се вратат по неа. Тешкиот живот на сирачињата во домот дополнително им го загрозува строгата воспитувачка г-ца Хениген. Но, шармантната и досетлива Ени ќе успее да си најде свој дом во семејството на милијардерот Оливер Ворбакс, ја раскажа Лалческа приказната од мјузиклот.

Во повеќемесечните подготовки на проектот активно беше вклучена кореографката Биљана Стојановска-Трајковска, која со учесниците работеше на танцовите движења автентични за музиката од 30-тите години на минатиот век, младиот актер Радо Алексовски кој работеше со ансамблот на актерска игра, сценски говор со техника на глас, сценски движења, координација, градење лик и поставување мизансцена, додека препевот го направи авторката Весна Малинова Бабамов.

Имено, проектот не е финансиски поддржан од ниту една институција и целосната реализација се заснова на љубовта и посветеноста на педагозите, членовите на Здружението и родителите на децата кои учествуваат во мјузиклот.

Мјузиклот „Ени Јуниор“ е инспириран од популарниот стрип на Харолд Греј – ,,Малото сираче Ени“, а на сцената во Бродвеј е изведен над 2.000 пати.

Лалчевска, во своето 25-годишно искуство со работа со деца и млади има реализирано голем број музички проекти наменети за таа популација. Веќе подолг период нејзината работа е фокусирана на продуцирање мјузикли за деца и младинци кои се сублимат на три уметнички изразни форми како драма, танц и пеење.