Брисел нема антитеза за уставни измени со одложено дејство

Македонија досега не добила антитези од Брисел за ставовите за уставни измени со одложено дејство, вели премиерот Христијан Мицкоски, појаснувајќи дека земјава има јасен план и стратегија составена од три дела, која властите ја спроведуваат шести месец. Мицкоски рече дека во рамки на стратегијата, првиот дел е пренесување на нашите позиции и аргументи и рече дека досега не добиле антитеза за нашите тези. Во речиси исто време, од Брисел пристигнаа сигнали за слух за главното барање што Македонија го има со години во однос на евроинтеграциите – билатералните спорови да не го кочат патот кон Европската Унија. Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, рече дека ќе направи се билатералните спорови да не стојат на патот на проширувањето, откако претходно во неколку наврати во однос на Македонија Кос се изјасни дека Унијата очекува од земјава „да го промени Уставот, ништо повеќе и ништо помалку, барање поради кое земјава доби вето од соседна Бугарија

46

Македонија досега не добила антитези од Брисел за ставовите за уставни измени со одложено дејство, вели премиерот Христијан Мицкоски, појаснувајќи дека земјава има јасен план и стратегија составена од три дела, која властите ја спроведуваат шести месец. Мицкоски рече дека во рамки на стратегијата, првиот дел е пренесување на нашите позиции и аргументи и рече дека досега не добиле антитеза за нашите тези, што според премиерот, значи дека првата фаза од планот, барањето решенија, веќе се реализира.

-Оптимист сум и ќе продолжиме да се бориме. Нема да оставиме ниту милиметар да изгуби македонскиот идентитет и македонските граѓани, без разлика на етничката припадност, затоа што сите ние заслужуваме загарантирана иднина. Тоа го слушнав директно од најрелевантните за проширувањето во рамки на Европската комисија. Ние имаме јасен план и стратегија која што ја спроведуваме шести месец по ред, а којашто е во три дела. Составен дел од таа стратегија е една робусна дипломатска акција каде што ние ќе ги пренесеме нашите позиции и нашите аргументи. Имав билатерална средба со Марта Кос, која е нов комесар за проширување. Имавме многу успешна, содржајна средба, ја поканив да дојде кога ќе има можност во Скопје и мислам дека таа посета многу скоро ќе се реализира. Бараме решенија, аргументираме. За сето она што претставува наша теза, очекуваме антитеза. Досега не сме добиле антитеза, што значи дека првата фаза од планот веќе ја реализиравме, а тоа е дека бараме решенија, додаде премиерот.

Премиерот Мицкоски најави дека во втората фаза од планот е многу важно да се оцени дали со внесувањето на неколку стотици граѓани во Уставот завршуваат нашите проблеми, „или тоа се само првите десет метра од оваа трка на 110 метри“. Во третата фаза, посочи, ќе се решаваат проблемите дома.

-Веќе на сите ни е јасно дека не е ова само проблемот, туку проблемите допрва следуваат. Ние нема да влеземе во никаква авантура без да имаме јасен план дека го гледаме крајот. Имавме и многу конструктивна вечера, на којашто беа присутни и другите лидери од Западен Балкан, во присуство и организација на Антонио Коста. Мислам дека имаме еден нов тим кој што се запознава со нашите аргументи, со нашите ставови, и ние ќе продолжиме да се бориме, затоа што сме во право. Третата фаза од нашиот план е да рушиме рекорди дома. Да ги решаваме дома проблемите, да покажеме дека сме достојни да бидеме на таа маса, по основа на мерит пристапот, односно по основ на тоа колку ние испорачуваме, а не по тоа дали треба да решаваме прашања од 11 и од 12 век, кои треба да ни бидат услов за да се развиваме во 21 и 22 век. Нема да бидеме наивни, немаме концесија, не сме ветувале ништо, само бараме чесен пристап. За ова што ние го кажуваме како теза и аргумент, досега немаме слушнато антитеза. Ќе се бориме се додека не успееме, рече Мицкоски.

Сонот за Западен Балкан во ЕУ

Во речиси исто време, од Брисел пристигнаа сигнали за слух за главното барање што Македонија го има со години во однос на евроинтеграциите – билатералните спорови да не го кочат патот кон Европската Унија. Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, рече дека ќе направи се билатералните спорови да не стојат на патот на проширувањето. Во воведното обраќање на форумот „Самит ЕУ-Западен Балкан: Обновен пристап кон регионот“, Кос рече дека со отстранувањето на физичките бариери на раздвојување, многу историски тензии ќе се тргаат на страна. Според неа, ЕУ за првпат има реален пристап со кој до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија „до линијата на целта“ би можеле да бидат донесени една или повеќе земји кандидати за членство.

– Мојот сон е да ги имаме сите земји од Западниот Балкан во Европската Унија и да ги видиме отстранети границите и билатералните тензии, како што беше случај во многу делови од континентот. Ќе направам сè што можам билатералните спорови од минатото да не стојат на патот на нашата заедничка иднина. Надежта, можностите и визијата не движат сите нас сите овие години кон мирољубива и просперитетна иднина, изјави Кос на форумот што го организира бриселскиот тинк-тенк „Пријатели на Европа“.

Еврокомесарката вели дека не е само прашањето кога ЕУ ќе прими нови членки, туку и што можат да направат кандидатите за членство за посилна и побезбедна Европа, нагласувајќи дека процесот на проширување ќе остане базиран на заслуги и остварување, пред сè во однос на владеењето на правото. Кос рече дека во Брисел постои единство кога станува збор за изградбата на поголема и посилна Европа, но потребно е такво единство и посветеност да покажат и земјите кандидати за членство.

– Но, ако кандидатите за членство испорачаат, тогаш сакам да бидат наградени за тоа. Ќе биде потребна многу техничка работа што ќе треба да ја завршиме заедно, но сакам да ве уверам дека проширувањето не е технички процес, истакна Кос и потенцираше дека новата Европска комисија е Комисија на проширување.

Четири сценарија за проширувањето

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, пак, во наводното обраќање нагласи дека во Брисел сега преовладува нов момент во однос на проширувањето и посебно е важно што тој процес е меѓу седумте приоритети на новата Европска комисија. Според него, има четири можни сценарија во врска со проширувањето во следните години. Првото би било најнепожелно и тоа би било ситуација во која ниту кандидати за членство нема да бидат подготвени за членство, ниту пак Европската унија ќе биде расположена да ги вклучи во своето семејство.

Второто сценарио, како што нагласи Милатовиќ, би било земјите да ги исполнат поставените услови, а ЕУ сепак поради некои свои причини да реши да не ги прими во членство. Најдобар пример за ваквото сценарио, според него, е случајот со земјава, која, како што рече, направила многу на својот пат кон ЕУ, а „за возврат не го доби тоа што го заслужи“. Третото сценарио би било земјите да не се подготвени за членство, а Унијата сепак да реши да ги прими, варијанта која ја оцени како најскапа. Четвртото сценарио, како што истакна Милатовиќ, би било „вин-вин“ варијанта, кога и кандидати за членство ќе ги спроведат и ЕУ ќе донесе одлука да ги прими во блокот.

Се враќа духот на „големото проширување“

Генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговорите за проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман, пак, оцени дека кога станува збор за процесот на проширување во ЕУ се враќа „духот на 2004 година“, кога во Унијата беа примени 10 нови член, процес кој стана познат како „големо проширување“. Јан Копман е убеден дека во овие услови и со новата Европска комисија, следната година во голема мерка ќе биде посветена на проширувањето.

Еврокомесарката Кос, претходно во неколку наврати во однос на Македонија се изјасни дека Унијата очекува од земјава „да го промени Уставот, ништо повеќе и ништо помалку, барање поради кое земјава доби вето од соседна Бугарија. Веднаш по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија, новата еврокомесарка за проширување изјави дека очекува земјава да го промени Уставот, но не сакаше да коментира дали Македонија може да добие гаранции дека нема да има други блокади. Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, Кос рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.

Премиерот Мицкоски, деновиве, во Брисел повторно ги претстави македонските позиции во однос на евроинтеграциите, овој пат, пред новите европски лидери во европските институции. Веднаш по враќањето од Брисел, Мицкоски изјави дека Македонија има цврсти аргументи и сите тие биле пренесени на средбите во Брисел, со новото раководство на европските институции. Премиерот најави дека ќе ги изнесе тие аргументи и на самитот ЕУ – Западен Балкан на 18. овој месец. Мицкоски истакна дека тоа е нов состав на Европската комисија и голем дел од информациите се нови за нив, рече дека не верува во инстант решенија, но очекува откако ќе се разработат, во периодот што следува да се обликуваат нови можни решенија за надминување на спорот со Бугарија и започнување на преговорите на земјава со Европската Унија. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ