Европската комисија тврди дека таксите наметнати од Бугарија за транзит на руски гас кон Македонија, Србија и Унгарија не се поврзани со санкциите на ЕУ против Русија. Според нив, давачката од 20 лева (10 евра) за мегават/час за транзит на рускиот гас низ Бугарија, е нејзина национална мерка.
Како што појаснува Тим Мекфи, потпаролот на ЕК, досега се воведени 11 пакети санкции против Русија, но тие влијаат на нафтата и јагленот, но не и на увозот на гас. Според него Бугарија води разговори со ЕК за оваа давачка
– Таксите наметнати од Бугарија за транзит на руски гас кон Србија, Унгарија и Македонија се национална мерка и затоа Бугарија ќе одлучи каде ќе одат парите од нив, нагласи портпаролот на ЕК.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски вели дека Македонија на ниту еден начин не предизвикала цената на природниот гас во државата да се зголеми за 10 евра по мегават/час по воведувањето на таксата од страна на бугарската држава.
– Верувам дека од страна на министерот за економија во наредниот период ќе бидат преземени сите мерки, бидејќи Македонија на ниту еден начин не треба да биде погодена од воведувањето на оваа мерка затоа што таксата се однесува исклучиво на руски гас. Сосема е јасно дека Македонија не била таргетот, туку дека се други држави кои не знам од кои причини така се однесуваат. Една од опциите е да ни се зголеми капацитетот на нашиот единствен интерконективен гасовод со Бугарија за да доаѓа природен гас и од други земји, освен од Русија – нагласува Бислимоски.
(С.Бл.)