Без гаранции нема чепкање на Уставот!

Европски претставници се активираа во обид за решавање на македонско-бугарското прашање околу уставните измени и одблокирањето на македонските евроинтеграции. Унијата од Бугарија бара обврзувачки гаранции дека нема да има нови блокади за Македонија. Новиот известувач на ЕП за Македонија, Томас Вајц, рече дека Владата тешко ќе може да им објасни на гласачите, ако нема гаранции, но не верува дека ќе помине барањето за уставни измени со одложено дејство. И специјалниот претставник на Берлин за Западен Балкан, Мануел Сарацин, од бугарската потпретседателка Илијана Јотова добил уверување дека Бугарија нема да има други барања за Македонија. Германскиот европратеник Михаел Гахлер, исто така рече дека постојат иницијативи од ЕУ членки да се одблокира процесот. Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, пак, веднаш по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија, изјави дека очекува земјава да го промени Уставот, но не сакаше да коментира дали Македонија може да добие гаранции дека нема да има други блокади

1140

Македонија да го внесе бугарското малцинство во македонскиот Устав, но да добие обврзувачки гаранции од Софија дека нема да поставува нови барања за земјава на патот кон полноправно членство во Европската Унија. Европски претставници сметаат дека на овој начин земјава може да ја добие заштитата на која инсистира македонскиот премиер Христијан Мицкоски и бара измените да важат со одложено дејство – тогаш кога официјална Софија ќе го потврди членството на земјава во Унијата. Новиот известувач на ЕП за Македонија, Томас Вајц, на брифинг со новинарите во зградата на Европскиот парламент, рече дека гледа подготвеност на Владата да оди напред на патот кон ЕУ, ако има гаранции дека Бугарија нема да поставува нови барања и нови блокади. Тој изрази сомнеж дека одложена примена на уставните измени може да помине во ЕУ.

-Треба да се обезбеди промена на Уставот, но и да се обезбеди дека нема да има дополнителни барања, тоа треба да биде обврзувачко и чувството е такво во Европската Унија. Владата тешко ќе може да им објасни на гласачите, ако нема гаранции. Треба да работиме на тоа да се обезбедат гаранции и дека нема да има нови барања. Она што е легитимно е тоа што Владата бара јасност за барањата, но не верувам дека ќе помине барањето за уставни измени со одложено дејство, рече австрискиот европратеник Вајц, кој доаѓа од редот на Зелените.

Европратеникот рече дека во моментот не го знае точното решение, но даде рок од пет до шест месеци, кога би можел да каже поконкретно решение. Вајц оцени дека земјава станала жртва на билатералното прашање со Бугарија, оти прегoворите не се лесни, но оти „новите геостратешки околности по руската инвазија врз Украина, покажаа дека Западен Балкан не е некаде надвор, туку во јадрото на Европа“.

Кос ќе се заложи за земјите од Западен Балкан

Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, веднаш по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија, изјави дека очекува земјава да го промени Уставот, но не сакаше да коментира дали Македонија може да добие гаранции дека нема да има други блокади.

– Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно, и после тоа навистина да го забрзаме процесот, нагласи Кос.

Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, Кос рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.

– Да се зборува, што е можно повеќе, и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија, рече Кос.

Таа оцени со променетата геополитичката ситуација, динамиката на проширувањето денес е поинаква од порано и дека постојат реални шанси во следните неколку години, неколку држави да влезат во ЕУ. Кос истакна и дека нејзиното назначување ќе биде позитивно за земјите од Западен Балкан.

Берлин на релација Скопје-Софија

И Германија ја засилува дипломатската офанзива во Скопје и во Софија. Германскиот европратеник Михаел Гахлер и член на Комитетот за надворешни работи на Европарламентот, на средба со македонските новинари во ЕП во Стразбур, рече дека постојат иницијативи од ЕУ членки да се одблокира процесот. Тој истакна дека во разговори со бугарски европратеници добил впечаток оти тие се ориентирани кон изнаоѓање решение и оти, како што кажа, не е ниту во интерес на Бугарија да го блокира процесот.

Во таа насока се и средбите на специјалниот претставник на Берлин за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој деновиве имаше разговори во двете земји. По средбата со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, Сарацин во Скопје разговараше и со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Сарацин од Јотова добил уверување деја Бугарија нема да има други барања за Македонија, додека македонскиот шеф на дипломатијата му рекол на германскиот пратеник дека очекува од новото раководство на европските институции да се засили политиката на проширување на ЕУ во претстојниот период.

Согласно со ставовите на Бугарија, Јотова побарала земјава да се придржува до европските договори и посочила дека барањата не се бугарски, туку европски критериуми за членство, од кои главна е заштитата на човековите права.

-Очекуваме Скопје да ги исполни обврските со францускиот предлог, прифатен во 2022 година, кој беше одобрен од сите земји членки на ЕУ и Северна Македонија, ја пренесуваат бугарските медиуми изјавата на Јотова.

Македонскиот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостување на Сител телевизија, изјави дека за Македонија е поважно да ги одбрани своите аргументи пред клучните земји од Западна Европа, отколку бројот на земјите поддржувачи. Тој го повтори ставот на Владата дека не може да има преговори со бугарија додека во земјата има техничка Влада.

-Македонија ги промовира своите позиции – уставни измени со одложено дејство пред земји кои се главни играчи на европската политичка сцена и тоа е многу важно за нас. За мене најзначајна средба е средбата на премиерот  Христијан Мицкоски со претседателот на Франција Емануел Макрон, од причина што Франција е играч број еден во ЕУ, а Макрон е лидер во ЕУ со најголем легитимитет, чиста победа на претседателските избори и влада со која соработува. Германија допрва влегува во избори и таму ќе има промени, така што ако успееме добро да сработиме со Франција и со неколку други земји од Западна Европа, мислам дека нашите аргументи лесно ќе бидат примени. Ако ЕУ сака да почне преговори, Македонија ќе почне преговори затоа што ние немаме проблем со најсилната земја членка на ЕУ, туку со втората најслаба земја во ЕУ, рече Николоски.

Премиерот Христијан Мицкоски цврсто стои на ставот дека нема да има уставни измени под уцени. Тој вели дека промена на Уставот не се планира во оваа фаза, но рече дека позицијата на Македонија за „одложено дејство“ се презентира пред светските партнери. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова деновиве истакна дека земјите од Вишеградската група и Белгија искажале поддршка за Македонија и дека од овие земји потекнува оптимизмот дека е можен пробив на македонскиот евроинтегративен пат. (В.С.Н.)  

 

 

 

ИЗДВОЕНИ