Граѓаните што одовде поминуваат пеш, а и возачите, се нервозни и лути поради несоодветните градежни зафати. Освен што има застој во сообраќајот, ваквата ситуација доведува до уште поголемо загадување. Правта измешана со опасните ПМ-честички ја вдишуваат и младите и повозрасните, и сето тоа штетно се одразува на нивното здравје.
– Беше веќе мрак и можеше многу убаво да се види како пред светлата на автомобилите се издигнува правта од раскопаната сообраќајница – како вртлог, тајфун или цунами, како сакате наречете го тоа, а тоа го вдишуваме сите. Не е во ред да се дозволува кога се реконструира булевар, да се движат возила по него. Или барем ако се дозволи, потребно е почесто да се прска со вода – вели скопјанка, која редовно поминува пеш во овој правец
Бели облаци прав се издигаат од раскопаниот асфалт на булеварот „Кузман Јосифовски-Питу“, кој во моментов се реконструира на потегот од Железничката станица кон центар. Граѓаните што одовде поминуваат пеш, а и возачите, се нервозни и лути поради застојот во сообраќајот, а вртлозите од прав што ги прават возилата доведуваат до уште поголемо загадување на воздухот. Правта измешана со опасните ПМ- честички ја вдишуваат и младите и повозрасните, и сето тоа штетно се одразува на нивното здравје.
Скопјанка што редовно поминува пеш во овој правец, раскажува како изгледа овој дел, особено откако ќе падне мрак.
– Се враќав од работа, поминувајќи пеш токму во делот каде што се реконструира овој булевар. Беше веќе мрак и можеше многу убаво да се види како пред светлата на автомобилите се издигнува правта од раскопаната сообраќајница – како вртлог, тајфун или цунами, како сакате наречете го тоа, а тоа го вдишуваме сите. Не е во ред да се дозволува кога се реконструира булевар, да се движат возила по него. Или барем ако се дозволи, потребно е почесто да се прска со вода. Разбирам, се реконструира, но ние, граѓаните, не сме должни да ја вдишуваме правта. Кога веќе се работи, треба да се земе предвид сè – реагира скопјанка.
А, вака ќе биде сè до крајот на годинава, бидејќи, според најавата на градските власти, и булеварот „Кузман Јосифовски-Питу“ и улицата „Теодосиј Гологанов“, која исто така се реконструира во моментов, ќе бидат готови по Нова година.
Според градските власти, реконструкциите се прават поради тоа што сообраќајниците се дотраени и оштетени, што претставува ризик за безбедноста во сообраќајот.
– По барање на граѓаните, Град Скопје инвестира во подобрување на инфраструктурата на сообраќајниците со цел подобрување на безбедноста и сигурноста за сите учесници во сообраќајот. Во рамки на овие активности, во моментов се извршуваат реконструкции на улици и булевари на повеќе локации во Скопје. Реконструкцијата на двете посочени сообраќајници се реализира поради нивната дотраеност и оштетеност, предизвикување ризик за безбедноста во сообраќајот, и тие се реализираат по повеќегодишно барање на жителите на Скопје. Крајниот рок на изведба на двата проекта, кои се штотуку започнати, е почетокот од следната година – велат од Град Скопје.
При тоа, додаваат дека сообраќајницата е отворена за циркулација поради одвивање непречен проток на возила и оти се реконструира согласно со сите актуелни стандарди.
Реконструкцијата на булеварот „Кузман Јосифовски-Питу“ кај Народна банка почна неодамна. Неколкупати во минатото се интервенираше на овој булевар, но асфалтот остана оштетен.
Реконструкцијата на улицата „Теодосиј Гологанов“ опфаќа градежни активности на коловозот од 5.350 квадратни метри, велосипедската патека и тротоарите од 4.500 квадратни метри, нови рабници, нова фекална канализација, изведба на нова водоводна мрежа и ново улично осветлување со ЛЕД-светилки. Реконструкцијата чини 43 милиони денари, а градежните работи ги изведува фирмата „Бауер“.
(А.П.)