На кој начинот биле доделувани и избрани канцелариите кои ги користат поранешните претседатели Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски се две клучни прашања на кои одговор бара Aнтикорупциската комисија која отвори две постапки за овие случаи.

Иванов откако му заврши мандатот доби канцеларии во станбените згради на „Џевахир холдинг“, а за кои трошоците ќе се покриваат од државниот буџет. Канцеларија има и неговиот колега Бранко Црвенковски, за која исто така се одвојуваат буџетски пари за кирии, но засега сè уште не се знае како и на кој начин бил одлучено тие да се вселат во службените простории

Претседателката на Антикорупција, Биљана Ивановска, информира дека ќе се продолжи со испитување за тоа дали постои процедура за тоа.

– Дали претседателот има неприкосновено право да си каже и најскапиот простор да го користи како канцелариски или во рамки на нашите можности на нашиот скромен буџет ќе се определи службен простор или ќе се додели од некои постојни службени простории со кои располага држава, изјави претседателката на ДКСК.

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе испитува како се трошат буџетските пари во државните и во јавните институции и друштва.

Во фокусот ќе биде Собранието, користењето на патни трошоци, ќе се испитуваат одлуките за користење службени возила, за репрезентации, надоместоци за превоз, за стан, за одвоен живот…

По допрен глас од медиуми отворена е постапка и за вработување блиски лица во Министерството за локална самоуправа и за користење возила за приватни цели.

Антикорупциската комисија отвори уште еден предмет за в. д. директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска. На денешната седница на Комисијата, беше кажано дека Пановска иако имала обврска досега четири пати да поднесе анкетен лист за имотната состојба, бидејќи толку пати и се продолжувал мандатот вршител на должност, тоа не го сторила па затоа заработи прекршочна пријава од антикорупционерите.

Како што беше кажано на седница на Антикорупциската комисија, Пановска на 19 мај 2019 поднела 4 анкетни листови за состојбата со нејзиниот имот, иако првпат била поставена за в. д. директор на Клиниката на 4 август 2017.

ДКСК иницира постапка и за екс-претседателот на Кривичен, Панчевски, за вработување на неговиот внук.

Антикорупциска ќе поведе иницијатива за покренување постапка пред Јавното обвинителство за постоење основано сомневање за злоупотреба на службена должност и овластување за службени и одговорни лица и за Владимир Панчевски, поранешен претседател на Кривичниот суд Скопје, кои учествувале во постапка за вработување.

Имено, како што појаснија од ДКСК, Јордан Тасевски, внук на Панчевски, е примен на работното место помлад судски соработник, иако воопшти не бил пријавен односно меѓу пријавените 155 кандидати.

– Панчевски ги надминува неговите надлежности. Тоа е незаконско постапување. Не е во прашање повеќе непотизам туку злоупотреба на службена должност, изјави Катица Николовска, член на ДКСК, која го образложи предметот.