Американскиот Стејт департмент нема да ги достави доказите против Артан Груби и Енвер Беџети до македонските институции поради „принципот на приватност на личноста“ дури и кога станува збор за криминалци, но тие докази се лесно достапни за сите кои сакаат да ги истражат и САД очекува тоа да го сторат, затоа што, „корупцијата е епидемија во Македонија и канцер на ова општество“, порача вчера амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер. Агелер рече дека Соединетите Држави ќе продолжат да бараат одговорност од корумпираните актери, а таа се надева дека „судството и структурите за спроведување на законот во оваа земја ќе го сторат истото“, затоа што граѓаните го залужуваат тоа. Американската амбасадорка сподели дека Вашингтон, во меѓувреме, разгледува и дополнителни санкции и најави дека црната листа не е затворена, туку очекува на неа да се најдат и други имиња, кои не се само политичари.
-Ние не споделуваме такви информации, но тие се лесно достапни, а доколку ние можеме да собереме доказите, верувам дека и македонските власти можат. Имате финансиска полиција, финансиско разузнавање, обвинителство и судски институции. Верувам дека граѓаните во оваа земја сакаат да видат резултати, рече Агелер на прес-конференцијата.
Амбасадорката не соопшти детали за тоа што точно откриле американските истражители за дејствата кои ги презеле Груби или Беџети, но во соопштението од Стејт Департментот стои дека тие примиле мито за да влијаат врз судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната УБК, Сашо Мијалков, кој пак, веќе е впишан на црната листа.
-САД можат и ќе ги користат сите можни алатки за повикување на одговорност кон овие лица, чии криминални активности ја нарушуваат безбедноста, стабилноста и доброто владеење во Северна Македонија. Согласно законот во САД, мора да ги ставиме на црната листа лицата за кои постојат докази дека се вклучени во корупција, без оглед на нивните минати или сегашни функции. Велиме дека правдата е слепа, но таа мора да биде непристрасна и обејктивна за сите, без разлика на политичка партија, етничка припадност или позиција. Оние кои го поткопуваат владеењето на правото заради лична добивка, а на сметка на народот во Северна Македонија, треба да разберат дека корупцијата има последици. САД ќе продолжи да повикува на одговорност за сите инволвирани во корупција, и се надевам дека судството и оние кои го спроведуваат законот во оваа држава ќе го направат истото. Граѓаните на оваа земја тоа го заслужуваат, изјави Агелер и рече дека го информирала премиерот Христијан Мицкоски кога беше објавена одлуката.
Прашана за стабилноста на земјава и дали разговарала со владини претставници за можна дестабилизација, Агелер рече дека секојдневно зборува со претставници на владата, бидејќи тоа и е работа и затоа има фотографии со поранешни функционери, но дека не се сеќава на разговор за тоа конкретно. Агелер рече дека се надева оти ниту една политичка партија или личност не би работела на дестабилизација на својата земја.
-Не гледам дека тоа може да биде во нечиј интерес, а особено не во интерес на граѓаните на оваа земја, изјави амбасадорката.
Претходно, Агелер преку социјалните мрежи порача дека „политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира“.
– САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучуваат во значителна корупција која ги поткопува демократските институции. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок, порача амбасадорката Агелер.
Обвинителството да постапи по допрен глас
Македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова, вчера го повика Обвинителството да постапи по допрен глас за случаите со Артан Груби и Енвер Беџети, кои од понеделникот, на Меѓународниот ден за борба против корупција се најдоа на „црната листа“ на Стејт департментот. Сиљановска Давкова рече дека не смее како досега да останеме мирни, а оние кои се нашле на црните листи да продолжат со своите редовни активности.
-Постојат во меѓународното право и во меѓусебните односи начини како да се дојде до тие докази и да се започне постапка зашто во спротивно, ние не реагираме тогаш кога мора да реагираме и на тој начин го толерираме беззаконието. Очекувам Судот, јавниот обвинител да почне да постапува. Секогаш велам дека пресумпцијата на невиност важи за сите нив, но затоа мислам дека е редно надлежните органи да постапуваат, изјави Сиљановска-Давкова и посочи дека во демократски држави, првиот чекор во вакви случаи би го направиле членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.
-Оние два проценти на доверба во судството всушност значат целосна недоверба во судството, зашто два отсто е рамно на статитичка грешка. Сериозно треба да размислиме дали всушност се креирал еден партизиран и политизиран судски систем. Значи, треба да се тргне не само од конкретниот случај, туку да се види навистина како сите во судскиот систем се нашле на определени позиции и тука не можам да не кажам дека најголемиот дел од вината лежи во оние два најважни органи – Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, бидјеќи тие треба да бидат чувари на независноста на судството, истакна претседателката на државата.
Мицкоски: Голем дел од доказите се веќе обезбедени
Според премиерот Христијан Мицкоски, ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и на судијата на Апалациониот суд Енвер Беџети на црната листа на САД поради значителна корупција, е само потврда од стратешките партнери на она што го говореле уште во опозиција за вмешаност во корупција и е само почеток од многу такви случаи што очекува во наредниот период да бидат објавени во јавноста.
– Ние во минатото многу пати зборувавме за сето ова за кое што сега и официјално нашите стратешки партнери, меѓународната заедница го посочува. Јас можам само да кажам дека во периодот којшто следи уште многу потврди на сето она кое што сме го имале за сомневање ќе излезе во јавноста и јавноста ќе биде запознаена, изјави Мицкоски и додаде дека „голем дел од доказите за коишто се сомневавме веќе се обезбедени“.
Стејт департментот на САД во понеделникот соопшти дека воведува санкции против поранешниот вицепремеир Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.
Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кој беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција. Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.
Ваквата одлука ја поздравија повеќе партии од власта и од опозицијата меѓу кои и ДУИ, партијата во која Груби е дел раководството. Груби, пак, преку објава на социјалните мрежи рече дека од медиумите дознал за одлуката и дека ваквата одлука го „засега директно и лично“.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со ставањето на Груби на црната листа на САД, заедно со судијата Енвер Беџети, се докажало партизирањето на државата од страна на ДУИ.
– Енвер Беџети, судијата кој го држеше случајот за Мијалков во фиока, ја докажува партизираноста на судството. Судиите поддржани од Артан Груби и ДУИ, полека завршуваат на црната листа на САД, заедно со членови од ДУИ, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Одлуката на Стејт департментот ја поздрави и опозициската СДСМ. Оттаму посочија дека ја сметаат за исклучително значајна поддршката на стратешките партнери на земјава во борбата против корупцијата и криминалот.
– Сите сомнежи за корупција мора да бидат истражени и санкционирани без компромис од страна на правосудните органи во Северна Македонија. Го охрабруваме целиот правосуден систем во државата да работи посветено и без двоумење на расчистување со сите форми на криминал и корупција, со цел да обезбеди праведност и еднаквост за сите граѓани, се вели во соопштението.
И од Алијансата за Албанците ја поздравија последната одлука на САД и ги повикаа санкционираните да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и да се соочат со обвиненијата.
Во март годинава, на „црната листа“ на САД беа ставени имињата на поранешната шефица на сега веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство, Катица Јанева, и актуелниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, како и членовите на нивните потесни семсјства. На т.н. „црна листа“ на САД минатата година се најдоа и имињата на бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, бизнисменот Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Камчев, кој пак, веќе беше на „црната листа“ на САД. Прв на проширената „црна листа“ во јуни минатата година се најде струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
Стејт департментот и американското Министерство за финансии веќе ги имаа санкционирано експремиерот Никола Груевски и поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков.
Минатата година, македонското МНР, со кое тогаш раководеше сопартиецот на Груби, Бујар Османи излезе со иницијатива и дома да се санкционираат лицата и субјектите што се ставаат на црната листа на САД, како и на британските листи.
Измените во предлог-законот за рестриктивни мерки предвидуваат на функционерите кои ќе бидат обвинети за злоупотреби и корупција, да им престане функцијата, а на фирмите да им се забрани да учествуваат на тендери. Но, ваквото законско решение не доби поддршка од Талат Џафери додека тој беше собраниски спикер и од министерството за правда, како и од дел од правната фела, кои оценија дека предлогот не е во согласност со Уставот и казненото право и предупредуваа дека е спорно како без судска одлука, лица и нивниот имот ќе бидат ставени под санкции. Американскиот Стејт департмент, пак, испрати порака дека се добредојдени сите мерки што ќе значат борба против корумпираните политичари. (В.С.Н.)