АВТОБУСИТЕ ПОЛУПРАЗНИ, ПАРКИНЗИТЕ ПОЛНИ: Ма каков загаден воздух, вози Мишко!

84

Во сила стапија бесплатниот јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници, а градските власти упатија апел до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со јавен превоз. Наместо почитување на мерките, скопјани кога седнуваат зад волан забораваат на загадениот воздух. Тоа можеше да се види на паркинзите низ градот кои се полни со паркирани возила. Па место автобусите да крцаат со патници, на многу линии возеа полупразни.

Скопјани кога седнуваат зад волан забораваат на загадениот воздух. Град Скопје вчера ги активираше мерките за намалување на загадувањето на воздухот, откако два дена по ред концентрацијата на ПМ10 честичките во воздухот беше над дозволеното ниво и тоа измерено на најмалку две мерни станици во главниот град. Бројките алармираа дека неколку дена по ред скопјани дишат загаден воздух над дозволените концентрации, при што Скопје се најде на првото место како најзагаден град во светот. Во сила стапија бесплатниот јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници, а градските власти упатија апел до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со јавен превоз. Апелот е и до граѓаните да не ги користат возилата без потреба и повеќе лица да се возат во едно возило, а за да се дестимулира користењето автомобил цената на паркирањето во централното градско подрачје двојно поскапе и сето тоа со цел загадувањето на воздухот да се намали.

Но, ова во пракса не функционира. Многумина не се одзваа на апелот и на работа тргнаа со автомобил. Тоа можеше да се види на паркинзите низ градот кои се полни со паркирани возила. Па место автобусите да крцаат со патници, на многу линии возеа полупразни. Скопјанката А.П. од населба Јане Сандански се пожали дека го оставила автомобилот дома со цел на работа, во центар да стигне со автобус. Вели дека иако низ оваа населба има дури седум автобуски линии, морала да чека на автобуска станица 30-ина минути и да го дише загадениот воздух.

– А бе, зошто мачкање очи со вакви глупави мерки. Пуштаат бесплатен јавен превоз, а ги редуцираат автобусите, вели таа.

Од ЈСП ги отфрлаат обвинувањата на оваа скопјанка и велат дека автобусите од јавниот превоз веќе од денеска сообраќаат по вообичаен зимски возен ред.

– За време на зимскиот распуст изминативе три недели возниот ред беше редуциран. Но, независно од продолжувањето на училишниот зимски распуст, нашите автобуси од денеска возат по зимскиот ред, информираат од ЈСП.

Социјалните мрежи се преплавени со револтирани граѓани. Некои велат дека свеста на скопјани е на многу ниско ниво, па дури и кога станува збор за нивното и здравјето на нивните најблиски.

– Кога врнеше снег низ градот, автобусите беа преполни, се бараше место повеќе. Луѓето тогаш одеа на работа со автобус, бидејќи ги мрзи да си го исчистат автомобилот од снегот. А сега кога ќе седнат зад воланот, забораваат на загадениот воздух, се некои од коментарите на социјалните мрежи.

Интервентните мерки, како што пишуваат некои родители на социјалните мрежи, се само мачкање на очи.

– Поскап паркинг, бесплатен јавен превоз со дизел автобуси и дури два дена седење дома на учениците…, нека објасни Макрадули, Дураку и Шилегов зошто цела пролет, лето и есен не работеа сериозно во интересорската група која од лани е формирана. Ова е само купување време и мачкање очи додека дечињаата се гушат. Срам и арам, напиша Лазар Ѓуров.

Од Брза помош велат дека имаат по 120 повици на ден од граѓани кои се жалат на малаксаност, замор, вртоглавица, промени во притисокот.

– Зголемен е бројот на повици, но е толку драматично за да е алармантно. Се јавуваат со различна симптоматологија, со кардиоваскуларни и со белодробни заболувања, со хипертензии, односно со секаков тип проблематика, што е стандардно во Итната медицинска помош – вели раководителот на Службата за Итна медицинска помош во Скопје, Милица Бубало.
Таа нагласи дека хронично болните навреме треба да ја земаат терапијата, што им е пропишана од лекарите. Повеќето од нив, посочи таа, знаат дека кога немаат голема потреба не треба да излегуваат надвор кога загадувањето на воздухот е зголемено и кога има магла.

– Кога има зголемено загадување на воздухот трпи кардиоваскуларниот систем, се губи здив, се јавува отежнато дишење. Поретко треба да се проветруваат просторите, треба да се користат заштитни средства како распрскувачи на воздухот, а пациентите редовно да пијат терапија и да ги почитуваат препораките од нивниот матичен лекар, нагласува Бубало.

(С.Бл.) – Фото: Ѕ. Плавевски