Зошто толку време се чекаше иницијативата за измените во ЗКП?

54

Критиките од уставните судии за измените во Кривичниот законик во членовите 353 и 394, протнати со европско знаменце, нема да ги вратат обвинетите за злоупотреба на службената положба кои се спасија од затвор и враќање на злоупотребените пари назад кај граѓаните. Иако поранешниот пратеник Павле Трајанов, за весникот ВЕЧЕР, изјави дека иницијативата за уставноста на законот ја поднел веднаш по стапувањето во сила, во септември 2023 година, нејасно е зошто се чекало толку време уставните судии да одлучуваат по истата? На прес- конференцијата во средата по завршување на седница, на која се поведе постапка за законот во целост, претседателот на судот Дарко Костадиновски, прашан за очигледното одолговлекување во постапувањето рече: „Јас го добив предметот од судијата известител во декември и веднаш го ставив на седница, се согласувам дека Уставниот суд треба да биде побрз, особено кога ќе се увиди дека е донесен закон под сомнеж и кој може да предизвика штетни последици, сметам дека треба да се постапува по итна постапка. Дека може побрзо да се реагира може, дека треба, треба“.

Во Деловникот на судот, кој неодамна почна да се применува, стои дека реферат за седница судијата известител го подготвува најдоцна во рок од 6 месеци од денот кога предметот е даден во работа, во спротивно Судот се известува за причините за пречекорување на рокот. Рефератот за седница треба да содржи: кога е поднесена иницијативата, какво барање е поставено и од кого е поднесено, кои подготовки се извршени, кои спорни правни и фактички прашања се појавиле во текот на работата по предметот, приказ на уставно-судската практика, правно мислење и предлог за начинот на решавање на поставеното барање.

Токму ова временско ограничување во Деловникот, кое стапи на сила неодамна, е едно од објаснувањата на претседателот на судот – зошто Уставната судијка Елизабета Дуковска, која како судија-известител за измените на Кривичниот законик предметот го добила уште од септември 2023 и требало толку време да постапува по истиот.

Со оглед на фактот дека по приемот на иницијативата на 19.9.2023 година, процесот на формирање на предмет и водењето на претходна постапка вообичаено траат три месеци, по што се пристапува кон изготвување реферат и правното мислење со вклучување на уставно-правна анализа. Дополнително, доколку се земе предвид летниот период со годишни одмори, како и периодот за избор на нов претседател кога не се одржуваа седници, временскиот период за изработка на конкретниот реферат не излегува сериозно од вообичаената временска рамка за уставно-судска постапка, стои во изјавата на претседателот за весникот ВЕЧЕР, во која додава дека токму за да се спречат ваквата пракса на одолговлекување се донел Деловникот на судот.

Судијката Дуковска не го сработила предметот во времето на претседателката Добрила Кацарска, па ни веднаш кога беше избран сегашниот претседател Дарко Костадиновски. Таа во средата на седницата зазема став дека Уставниот суд не е надлежен да решава за уставноста на овие измени со кои се амнестираа корумпирани функционери, обвинети од поранешното СЈО.

Поранешни Уставните судии кои ги консултираше весникот ВЕЧЕР велат дека нема механизам за морална одговорност на судијата кој одолговлекува предмет, тој е независен во своето одлучување.  Поранешниот претседател на Уставниот суд, сега пратеник во собранието, Сали Мурати за весникот ВЕЧЕР вели дека и во времето на неговиот состав разговарале на работни состаноци за таа проблематика и бил заземан благ став да му се предочи на судијата кој го одолговлекува предметот дека јавноста чека одговор, но никогаш таа сугестија не била од обврзувачки карактер за предметот со цел да не се наруши интегритетот што го ужива судијата.

Донесување на одлука во разумен рок треба да е во судиската свест, ако не донесуваш одлука во разумен рок на пример ако треба да се одлучува за Буџетот, тогаш тоа ќе има последици по суверенитетит и територијалниот интегритет на државата. Но, не треба да има империјативен меч на судијата, тогаш тој нема слободоумно да ја донесе одлуката, да се остави на неговиот морален интегритет бидејќи, негова најголема чест е да биде судија на Уставен суд, објаснува поранешниот претседател на Уставниот суд

Според проценките во јавноста околу 800 функционери се спасија од кривичен прогон со измените во КЗ. За нив 6 септември 2023 година беше денот на ослободувањето. Ним собранието им изгласа застарување на кривичните дела во судски случаи, а на некои им се закануваа и затворски казни. Измените ги донесоа мнозинството на СДСМ и ДУИ, со што се декриминализира искористувањето на службената положба. Ако до тогаш делата застаруваа за 40 години, со измени застаруваат за 10. Се намалија и казните за злосторничко здружување и за несовесно работење во службата. Една година подоцна, судиите само констатираат застарени предмети, а обвинителите ги преиначуваат обвиненијата или ги повлекуваат. Така застареa предметот за масовното прислушување Таргет, за набавката на опрема за поранешното УБК, „Трезор“, Моќник“, „Топлик“. Судските трошоци се исплаќаа од Буџетот. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ