Тројца врвни и докажани македонски мултимедијални уметници, м-р Страхил М. Петровски, д-р Лазе Трипков и м-р Ангел Коруновски, сплотени во новоформираната уметничка група „Три“, пред јавноста ги распослаа своите дела, различни по концепт, но истовремено и уникатни сами по себе…
Уметност полна со емоција, енергија, креативност и силна порака „Зошто не сега?“… Токму на изложбата под овој наслов поставена во Младинскиот културен центар во Скопје се случува експлозија од креативноста на тројца врвни и докажани македонски мултимедијални уметници, м-р Страхил М. Петровски, д-р Лазе Трипков и м-р Ангел Коруновски. Сплотени во новоформираната уметничка група „Три“, тие пред јавноста ги распослаа своите дела, различни по концепт, но истовремено и уникатни сами по себе. Големиот интерес кој го предизвика нивната прва (заедничка) изложба, зборува за атрактивноста на нивните дела, а јавноста ќе има можност и во наредните денови да ужива во поставката која ги плени чулата.
„ ‘Зошто не сега?’ е прашање, кое може да биде поставено во различни прилики. И кога за нешто се чекало со години, но и кога одненадеж чувствуваме дека ако нешто не сториме ‘баш сега’, тоа нема да се случи никогаш. Кога станува збор за уметничкото творештво, веројатно нема помоќно и побитно прашање. Затоа, одговорите се даваат само преку чинот на создавањето… Името на уметничката група „Три”, составена од реномираните мултимедијални уметници Страхил М. Петровски, Лазе Трипков и Ангел Коруновски, на најубав начин ја буди асоцијацијата на мигот кога одлучуваме да направиме нешто значајно и предизвикувачко. Броиме: „еден, два, три” и почнуваме. Тие веќе подолго време даваат маркантни резултати и на македонската и на меѓународната уметничка сцена, но со овој проект се обединуваат околу едно суштинско прашање – вечната сегашност на уметноста. Секој од нив ни нуди раскошни резултати, но кога тоа ќе се помножи со три, прераснува во изложба која не смее да се пропушти”, вели меѓу другото професор д-р Владимир Мартиновски, кој и го отвори овој уметнички настан.
Формирањето на уметничката „Група Три“ е секако освежување на македонската ликовна сцена.
„Дејствувајќи интердисциплинарно, вонинституционално, па и активистички, секој од уметниците на групата придонесува на свој начин, со свој концепт и став, во развојот на македонската културна и ликовна сцена (и надвор од границите на државата…), која за жал во последните години е навистина во огромна криза, според мене, од безброј многу познати и „непознати” причини?! Воедно групата повикува да се соочиме со минливата природа и да го перципираме светот околу нас, од еден поинаков агол на гледање… Визуелниот, пред сè! Прашањето: „Зошто не сега…?“ резонира во нашите слики, објекти, фотографии и инсталации кои на некој начин нè “принудуваат” да го погледнеме она што инаку би можеле да го занемариме или да го пропуштиме во одредени моменти од нашето битисување во овој глобалистички и суров свет“, вели уметникот Страхил М. Петровски. Неговите светло темни композиции – формации составени во голема просторна инсталација ја доловува минливата убавина на урбаните сенки во дваесетина дела (слики и објекти, во период од 2016 до 2025 год.) работени во комбинирана техника, на платно, филц, дрво и (не)сликарски материјали…
Монохроматските црни слики на Ангел Коруновски, како што се вели во најавата на изложбата, навлегуваат во празнината како место на можност и длабочина. Неговите дела се минималистички, но богати, секое платно открива суптилни текстури, градации на тонови и тивок интензитет кој е длабоко медитативен.
Десетте геометриски илустрации на Лазе Трипков, пак, даваат остар контрапункт на органските форми на Петровски и текстуралните истражувања на Коруновски. Со прецизност и симетрија, неговите дела ги трансформираат линиите и формите во рефлексии на рамнотежа и ред. Сепак, дизајните на Трипков не се статични – тие вибрираат со енергија што зборува за итноста на сегашноста… (Д.Т.)