Од екипата на Ферари изразија незадоволство од начинот на кој беа објавени радиопораките за време на трката за Големата награда на Кина, тврдејќи дека клучните делови од разговорите меѓу тимот и возачите биле намерно изоставени.
Тимот од Маранело верува дека селективното објавување на разговори од тимското радио на Хамилтон даде лажна слика за неговиот однос со тимот, што дополнително ги поттикна разговорите за идна размена на возачи меѓу него и Шарл Леклер.
Во еден момент Хамилтон се пожали дека не може да го следи темпото на лидерите и му предложи на тимот да го пушти Леклер пред него.
- Мислам дека ќе го пуштам Шарл, затоа што се мачам, изјави седумкратниот шампион преку радиоврската.
Меѓутоа, размената на позиции не се случи веднаш, наместо тоа, на Хамилтон му беше наложено: „Ги менуваме позициите“. Тој одговори: „Кога ќе се приближи, да“.
Набргу потоа, Хамилтон накратко се премисли мислејќи дека може да го фати Џорџ Расел, па на својот инженер Рикардо Адами му рекол: „Ќе ви кажам кога ќе можеме да ги смениме местата“.
На крајот, Леклер сепак го мина Британецот во првиот свиок од 21. круг.
На италијанскиот тим најмногу му пречело тоа што одредени радиопораки биле пуштени со големо задоцнување и без клучен дел од разговорот, што според нив создало впечаток дека Хамилтон не сакал да ги слуша тимските наредби.
- Ова е шега!, порача Фред Васер, па додаде: „Првата порака дојде од Луис, но за да се создаде хаос, беше објавен само вториот дел од пораката. Ќе разговараме со нив за ова“.
Шефот на Ферари истакна дека целата ситуација не претставува никаков проблем во тимот, но дека начинот на кој е пренесен создал сосема погрешна перцепција.
- Не можете да замислите колку прашања имам за ова. Луѓето мислат дека имаше некаква драма, но не беше – самиот Луис предложи замена, додаде Васер.
Формула 1 брзо одговори на обвинувањата на Ферари, тврдејќи дека нема намера да манипулира со ситуацијата.
- Апсолутно немаше намера да се претстави лажна приказна за тимското радио на Ферари. Поради други случувања за време на трката, пораката на Хамилтон не беше објавена веднаш, но тоа не беше намерно, изјави портпаролот на Ф1 за „Crash.net“.
Васер сепак останува на својот став и вели дека за тоа мора да се разговара со претседателот на Формула 1, Стефано Доменикали.
- Тоа прашање треба да му го поставите на Стефано, а не мене, бидејќи јас не одлучувам за преносот, изјави шефот на италијанскиот тим.