Од оваа сабота скопската Зоолошка градина повторно ќе биде отворена за посетители со редовно работно време од 9 до 16 часот секој ден. Оттаму ги повикуваат граѓаните да уживаат заедно со животните во убавите есенски и сончеви денови.

В.д. директорот на Зоолошката, Зоран Попов, за весникот ВЕЧЕР кусо информираше дека цело време додека бил забранет влез посетители вработените нормално си ги извршувале своите работни обврски, се грижеле за животните, ги чистеле нивните живеалишта.

Скопската зоолошка градина беше затворена 21 ден, откако Агенцијата за храна и ветеринарство констатира присуство на птичји грип кај угината гуска, кај езерцето во Градски парк. Како мерки на безбедност, како што наведоа од АХВ, беше извршено хумано убивање и нештетно отстранување на 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка. Воедно, беа наредени мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во Зоолошката градина за присуство на вирусот, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширење надвор од Зоолошката градина кај животните и кај луѓето.

Од АХВ наведоа и дека иако Зоолошката детектиралa пцовисано животно на 14.10.2024 година, не постапила по законски процедури, односно не пријавила сомнеж на заразна болест до надлежниот официјален ветеринар. Со ова, од АХВ сметаат дека раководството на Зоолошката градина ги прекршило законските обврски и самостојно доставило примерок до Факултетот за ветеринарна медицина кој бил примен на обработка на 15.10.2024 година.

Претходно, пак, од Зоолошката градина стигна соопштение дека без налог, решение или каков било друг доказ инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје упаднале во градината и извршиле масакр врз птиците.

-Без образложение, овие лица по наредба на директорот на АХВ, а без доказ до овој момент убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од градскиот парк. Целта е да се предизвика нов измислен проблем, и да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот – обвинија од Зоолошката градина.

За среќа, Институтот за јавно здравје по направените епидемиолошки анкети на сите 16 вработени лица во Зоолошката констатира дека никој од нив не е заразен од вирусот на птичји грип. И кај уште двајца вработени кои пројавувале тековни симптоми беа извршени тестирања кои покажаа дека не се заболени од птичји грип. И кај граѓанка која побара тестирање за птичји грип, беше констатирано дека не е заразена од вирусот на птичји грип.

(А.П.)