Змиите напаѓаат, скопјани во паника бараат помош!

12138

Наезада на змии се случува во овој период од годинава, па неретко ваков гостин може да најдете во соба, во подрум, во двор… Иако кај нас официјално не постои служба што би интервенирала во вакви случаи, главниот зоо-негувател Сашо Панчев во скопската Зоолошка градина е тој што интервенира на повиците на скопјани. Тоа, како што вели, го прави од хумани побуди и кон рептилите и кон граѓаните. Потврдува дека ова лето има значително присуство на змии, но, како што објасни, тие не се отровни. Пред сè, тоа се смокови и водни змии. Периодов има од три до четири интервенции во текот на неделата. Тој ги смирува луѓето кога ќе видат змија во двор, во подрум, во соба, да не се плашат. Зоо-негувателот Војо Иванов, додава дека во тој случај, најдобро е со метла буквално да ја изметеме змијата, со тоа нема да ја повредиме и ќе ја насочиме кон излезот. – Верувајте, таа е поисплашена од вас – тврди тој

 

Единствениот повикувачки број 112 на Центарот за управување со кризи деновиве е вжештен од пријави за појави на змии од испаничени граѓани. Меѓу нив, завчера имало пријава за змија за територијата на Општина Гази Баба.

– На таа што пријави веднаш ѝ беше пренесено дека нема служби за фаќање змии, но, сепак, ѝ беа дадени информации дека има и физички лица на повик, кои се справуваат и заловуваат змии – вели еден скопјанец.

Повик за пронајдена змија имало и до ЦУК – Битола, на едниствениот повикувачки број 112. Змијата била пронајдена на улицата „Мирче Ацев“ број 9 во Прилеп, по што било интервенирано во 13:45 часот од ТППЕ – Прилеп со тројца пожарникари и едно возило. Како што соопштија од ЦУК, змијата била безбедно уловена жива, па потоа транспортирана и пуштена во природа.

Дека граѓаните се исплашени и деновиве бараат помош поради зачестената појава на змии потврдуваат и од Зоолошката градина во Скопје.

– Се јавуваат граѓани во страв дека им се појавила змија пред влезот на зграда, потоа во дворот, или гаражата, или подрумот- велат од Зоолошката градина.

Главниот Зоо неговател, Сашо Панчев во скопската Зоолошка градина е тој што интервенира на повиците на скопјани.  Ова, како што вели, го прави од хумани побуди и кон рептилите и кон граѓаните. Потврдува дека ова лето има значително присуство на змии. Како што објасни тој,тие не се отровни и дека пред се, тоа се смокови и водни змии.

– Во Скопје и во околината има два до три вида на смокови и два вида на водни змии. Тие не се опасни за човекот и да биде каснат. Но, најдобро е да се избркаат – објаснува Панчев и препорачува доколу се во двор, соба, гаража, да се викне некој да ја дислоцира.

Проблемот е тоа што, за жал , кај нас не постои официјална служба која би интервенирала во вакви случаи, а тоа го потврдија од ЦУК, наведувајќи дека има физички лица кои го прават тоа, како што тоа прави и Панчев.

– Во најголем број случаи луѓето ме викаат мене, иако тоа не е моја должност. Јас ги дислоцирам змиите на Водно, или каде што има полиња, реки во околината на Скопје, односно во нивната природна средина – раскажува Панчев.

Тој додава дека периодов има од три до четири интервенции во текот на неделата. Реагира дека со изградбата на викенд куќите луѓето им ја узурпираат животната средина на змиите, а нивната зачестена појава се должи пред се на намалување на предаторите во природата кои се хранат со нив, а тоа се јастребот, орелот змијар, бидејќи како што нагласи ловџиите ги истепале за трофеи.

– Друга причина за зголемениот број на змии во овој период е тоа што ги снема студените зими со многу снег. Змијата е ладнокрвно животно кое во текот на зимата хибернира, односно е во зимски сон, се повлекува во јами, пештери. Па, кога порано имало студени и снежни зими, со топењето на снеговите дел од нив поради поплавувањето на јамите или пештерите угинувале. Имаше баланс. Сега имаме нарушување на еко-системот, глобално затоплување и не се врши природна селекција на змиите – истакна Панчев.

Тој ги смирува луѓето кога ќе видат змија во дворот, во подрум, во соба, да не се плашат, да пробаат да ја избркаат.

– Таа ќе се исплаши од нив, ќе сака да избега, бидејќи тоа не е нејзина природна средина – тврди Панчев.

Зоо негователот Војо Иванов вели дека очекувана е зголемената појава на змии во овој период од годината, бидејќи пролетта беше врнежлива и ладна, па нивниот зголемен број е што заради храна, што заради репродуктивни активности. Тој тврди дека речиси никогаш змијата не го напаѓа човекот.

– Тоа може да се случи само во моментите кога се чувствува загрозено, најчесто кога сакаат да ја убијат и згазнат. Кога змијата ќе ве види на оддалеченост на 5 метри, сигурно дека нема да ве брка – цени Иванов.

Воедно, додава дека кога се во прашање викенд куќи или куќи во рурални средини, потрагата по храна може да ја збуни змијата и да ја натера да влезе внатре.

– Тогаш најдобро е со метла буквално да ја изметеме змијата, со тоа нема да ја повредиме, но ќе ја насочиме кон излезот. Верувајте, таа е поисплашена од вас – тврди Иванов.

Тој потсетува дека кога луѓето одат во природа секогаш треба да носат долги панталони и специјални обувки, стап за планинарење, но со него не да се удира по животните, туку евентуално да се поместат од патот, како на пример некоја заспана змија или желка.

Од ЦУК препорачуваат сите итни случаи да се пријавуваа на единствениот повикувачки број 112 , особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.

(А.П.)