Прво, второ и трето место освоија македонските ученици од СТЕМ Академијата на глобална Олимпијада за натпревар во роботски спортови што се одржува на грчкиот остров Крит, кои се натпреваруваа во категоријата петобој арена каде што самонаведувачки робот во период од четири минути треба да изврши задача.
Учениците се на возраст од 13 до 18 години. Марко Ангелов, Стефан Марковски, Павел Попоски, Андреј Крстев, Јаков Петков, Анастасија Дудеска и Неда Бошковска, поделени во тимовите „Space walkers“, „Space walkers Jr“ и „Space walkers girls“, предводени од двајца едукатори-тренери, освојувајќи ги првите три места, беа најдобри во конкретната категорија.
Олимпијадата беше свечено отворена во саботата и ќе трае до денеска, а учествуваат 50 земји и 1800 тимови.
Минатиот викенд, ученици од СТЕМ академијата учествуваа на Медитеранскиот СТЕМ-натпревар во Атина од каде што се вратија со пет награди.
Македонските ученици, на возраст од осум до 12 години, тогаш се натпреваруваа во две категории, поделени во пет тима, два во помала и три во поголема категорија и имаа различни задачи и предизвици за кои со помош на роботиката со лего-коцки, требаше да најдат решенија на задачи за преживување на Марс.