„Златната мечка“ за најдобар филм на 75. Берлински филмски фестивал ја доби остварувањето „Соништа“ (Dreams), третиот филм од трилогијата на норвешкиот режисер Даг Јохан Хаугеруд, којшто ги вклучува и деловите „Секс“ и „Љубов“.

Во филмот Јохана ја документира нејзината интензивна љубов со нејзиниот професор по француски јазик. Нејзината мајка, баба откако завршуваат со читање на овие интимни списи, се згрозени од содржината, но обземени од моќното пишување и приказната. Јохана се движи по романтичните идеали наспроти реалноста, истражувајќи ги своите емоции…

EPA/EFA

Претседателот на жирито, американскиот режисер Тод Хејнс го опиша наградениот филм како „медитација за љубовта“.

Со Големата награда на жирито, „Сребрена мечка“, пак, се закити филмот „Сината патека“ (The Blue Trail), а наградата на жирито, исто така, „Сребрена мечка“ отиде кај филмот „Пораката“ (The Message).

„Сребрена мечка“ за најдобар режисер доби Хуо Менг за филмот „Living the Land“, а кај актерските награди – за најдобра главна улога со признание се закити Роуз Бирн за остварувањето „If I Had Legs, I’d Kick You“, додека за најдобра споредна изведба беше награден Ендрју Скот за „Сина Месечина“ (Blue Moon).

„Сребрената мечка“ за најдобро сценарио му припадна на Раду Жуде за „Континентал ’25“.

На Берлиналето, кое се одржа од 13 до 23 февруари, за главната награда „Златна мечка“ за најдобар филм се натпреваруваат 19 остварувања од целиот свет, од кои осум режирани или корежирани од жени. Тимоти Шаламе, Роберт Патинсон, Џесика Честејн, Џејкоб Елорди, Бенедикт Камбербач, Тони Колет, Марион Котијар, Итан Хок беа ѕвездите кои се појавија на ова фестивалско издание, а Почесната „Златна мечка“ ја доби шкотската актерка Тилда Свинтон. Годинава Берлинскиот фестивал се отвори со светска премиера на филмот „Светлината“ (The Light) на германскиот режисер Том Тајквер. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ