Во Филхармонија вечерва се одржува златна гала премиера на „Пред дождот“, по повод 30 години од премиерата. Пред точно 30 години „Пред дождот“ го освои Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал, како и уште 9 други награди на Фестивалот.
Фото: Ѕ.Плавевски
Со овој настан се одбележува 30-годишнината од премиерата, и организаторот најавува дека ќе дојдат Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска, а преку видеопорака ќе се обрати Сајмон Пери, поранешниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужниот за можноста да се сними „Пред дождот“. Специјално за премиерата од Рим доаѓа и италијанскиот копродуцент на „Збогум, Копакабано “, новиот филм на Манчевски.
Присуството го потврдија 21 амбасадор во Македонија и личности од политичкиот и јавен живот. Со цел овој свечен настан да биде достапен и за сите љубители на филмот, ограничен број бесплатни билети ќе бидат достапни на касата на Филхармонија. Одбележувањето на 30-годишнината во Скопје е организирано со приватни средства и со трудот на група професионалци, без учество на државата во организирањето, ниту во финансирањето на настанот, велат од тимот на режисерот.