Наградата „Златен објектив“, што традиционално ја доделува Кинотеката на Македонија, годинава ја доби светло-мајсторот Петар Богоевски. Како што соопштија оттаму, свеченото врачување на „Златниот објектив“ на доајенот Петар Богоевски ќе се одржи во вторник, на 29 април, во 12:00 часот во киносалата на Кинотеката на Македонија.

-Со одлука на Управниот одбор на институцијата, годинешниот „Златен објектив“ ќе му биде доделен на Петар Богоевски, светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли, истакнуваат од Кинотеката.

Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ кадешто го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови. Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови. Во филмографијата на Петар Богоевски, на кои работел (светло), меѓудругите се и остварувањата: 1980: Оловна бригада, 1986: Среќна Нова ’49, 1987: Хај-фај, 1991: Тетовирање, 1993: Македонска сага, 1994: Пред дождот, 1995: Ангели на отпад, 1997: Џипси меџик, 1997: Преку езерото, 2001: Прашина, 2003: Бубачки.

Досегашни добитници на ова признание на Кинотеката беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.

Признанието „Златен објектив“ Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Традиционално се доделува на 29-ти април, бидејќи на тој датум во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.

ИЗДВОЕНИ