Продажбата на билетите за Зимските олимписки игри во Милано и Кортина во 2026 година продолжува (трета фаза) и може да се забележи дека билетите се прилично скапи, поскапи од ЛОИ во Париз.

Најниската цена на билетите ќе биде 30 евра, додека 57 отсто од нив ќе се продаваат по цени до 100 евра, соопштија организаторите. За Летните олимписки игри во 2024 во Париз, околу 50 отсто од билетите беа продадени за 50 евра или помалку. Цените се зголемуваат до 1.400 евра за финалето во хокеј на мраз за мажи – најскапиот спортски настан на Игрите – и до 1.200 евра за гала-вечерта во уметничко лизгање.

Во Париз, најскапите билети, кои беа за машкото кошаркарско финале и за некои атлетски настани, вклучително и трката на 100 метри за мажи, чинеа 980 евра.

Свеченото затворање, кое ќе се одржи во градот Верона, ќе биде најскапиот настан на Зимските игри, а цените ќе се движат од 950 до 2.900 евра. Влезниците за свеченото отворање во Милано ќе се движат од 260 евра до 2.026 евра.

Сепак, цената досега не го намали ентузијазмот. Успехот на првата фаза од продажбата на почетокот од февруари, кога беа достапни ограничен број билети, ги натера организаторите да додадат втор продажен прозорец кон крајот на февруари. Во овие два продажни периода се продадени 613.000 билети, велат организаторите, нешто повеќе од 40 отсто од вкупниот капацитет.

  • Покрај големиот број продадени билети во Италија, имаше значителна побарувачка и од Германија, САД, Обединетото Кралство, Швајцарија, Холандија и од Франција – додаваат организаторите.

За Зимските параолимписки игри, за кои генералната продажба на билети започна на 6 март, 90 отсто од билетите се по цена до 35 евра. На летните Параолимписки игри во Париз, околу 50 отсто од билетите беа продадени за 25 евра или помалку.

Олимписките игри во Милано и во алпскиот град Кортина д‘Ампецо ќе се одржат од 6 до 22 февруари 2026 година, а Параолимписките игри во март.

ИЗДВОЕНИ