Зимскиот возен ред се покрива со 237 автобуси, нема кратење на линиите

1142

Одиме со истиот план како и лани, со вкупно 237 вклучени автобуси. Се работи напорно и се прават комбинаторики за да им излеземе во пресрет на граѓаните – велат од ЈСП.  Оттаму потенцираат дека засега не се предвидува кратење на ниту една линија. Од ветените 30, досега се репарирани околу 20 автобуси, но од претпријатието велат дека наредните денови и официјално ќе излезат со прецизен број и со податоци

 

Иако директорот на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП), Драган Кушовски, неодамна изјави дека ќе бидат потребни најмалку 40 автобуси за да се покрие летниот возен ред и дека сега веќе се вози по зимскиот возен ред, од претпријатието велат дека се прават комбинации сите линии, како и лани, да бидат покриени со ист број автобуси.

– Одиме со истиот план како и лани, со вкупно 237 вклучени автобуси. Се работи напорно и се прават комбинаторики за да им излеземе во пресрет на граѓаните – велат од ЈСП и потенцираат дека засега не се предвидува кратење на ниту една линија.

Граѓани се пожалија дека е укината линијата со број „33“, која е единствена што директно го поврзува Долно Лисиче со градот, но по реакција на Општина Аеродром, како што објаснија од ЈСП, таа најдоцна до понеделник ќе биде вратена во функција.

– Точно е дека ја укинавме оваа линија, на кратко. Линијата со број „31“ ја покрива и линијата со број „33“, а и нема доволен број автобуси, затоа се одлучивме за овој потег. Но, поради укажувањето од Општина Аеродром дека има повеќе индустриски капацитети на тој потег, оваа линија повторно ќе биде вклучена – информираа од ЈСП.      

Оттаму нагласија дека и линијата со број „81“ не сообраќа.

– Тоа е поради сообраќајната несреќа која се случи на 12 август, а во која животот го загуби 17-годишник во скопско Блаце, кога удриле два автомобила во автобусот со број „81“. Едниот од автомобилите бил управуван од малолетникот. На ова место и претходно се случувале сообраќајни незгоди – објаснуваат од ЈСП.

За тоа како оди репарирањето на ветените 30 автобуси што би се вклучиле во сообраќај и би го ублажиле недостигот од возила во ЈСП, од претпријатието велат дека досега биле обновени околу 20, но од претпријатието велат дека наредните денови и официјално ќе излезат со прецизен број и со податоци.

– Во тек е репарирањето. Се работи динамично. Како што се репарираат, така се пуштаат автобусите во сообраќај – децидни се од ЈСП. 

(А.П.)