Осмото издание на најочекуваниот културно-забавен настана во Охрид, музичко-сценскиот спектакл „Зимска бајка“, ќе се одржи на 21 декември во Центар за култура „Григор Прличев“, со почеток во 20 часот.
Годинава „Бајката“ ќе не врати во 1990-тите години, кои беа исклучителни за светската музика.
Бендот на „Зимска бајка“ составен од извонредни музичари од овие простори годинава е засилен со гудачки квартет, дувачки солисти и хорот „Лихнидос“. Тие ќе изведат дел од големите светски музички хитови од 90-тите години на кои, на уникатен начин ќе не потсетат Dj Face и студиото за модерни танци „Бах“.
Шоуто традиционално ќе биде зачинето со креативен хумор за кој се задолжени познатите охридски актери и комичари Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers“ и специјалниот гостин, црногорскиот стендап комичар Андрија Дабановиќ, кој важи за еден од најдобрите стендап комичари на Балканот во моментов.
Влезниците за осмото издание на сценскиот спектакл „Зимска бајка“, во ограничен број, ќе бидат пуштени во продажба во сабота, 14 декември, во Топ-маркет кај Чинарот, по цена од 800 денари, а ќе се продаваат по принципот „прв дојден – прв услужен“.
Дел од влезниците се резервирани за соработниците, помагателите и поддржувачите на манифестацијата, како и за хуманитарни цели што организаторот традиционално ги реализира во соработка со лајонс клубовите од градот.
И оваа година ложите во центарот за култура ќе имаат Вип-содржина, по претходна резервација.