Празничната атмосфера оваа година започна токму од општина Ѓорче Петров, носејќи радост, среќа и заедништво за сите генерации. Викендот беше исполнет со низа активности кои внесоа празничен дух во секој агол на нашата општина.
-Во саботата, караванот „Зимска Бајка“ донесе магична празнична атмосфера во паркот на Ѓорче Петров. Најмладите преку детскиот музички фестивал „Соната“, кој оваа година одбележува значаен јубилеј – 15 години постоење, ги развеселија нашите најмлади жители. Под раководство на Александар Китевски и Розета Дулевска, фестивалот останува симбол на детскиот талент и љубовта кон музиката – соопштија од Општина Ѓорче Петров.
Оттаму додаваат дека на дечињата во реонскиот парк им биле поделени новогодишни пакетчиња.
-Тие се сликаа и бесплатно со Дедо Мраз, а уживаа и во дружењето со веселите маскоти. Вечерта ја збогати настапот на детскиот хор „Поточиња“. Музиката од изведувачите ДНК, Огнен Здравковски, Лина Пејовска и Андријана Јаневска ја задржаа весела и празнична енергијата во текот на целиот настан – информираат од локалната самоуправа.
Во фокусот на празничниот викенд беа и постарите жители на општината. На сопствена иницијатива, берберите од Ѓорче, во неделата организираа бесплатна акција за шишање на пензионери и лица од ранливи категории.
Градоначалникот Александар Стојкоски изрази огромна благодарност до сите кои придонеле за реализацијата на овој празничен викенд, со посебен акцент на хуманите сограѓани: Мики, Пеко, Нено, Боки, Даме, Спасе, Брицо Малеш, Љупчо и Аце Пекар, кои со својата посветеност покажале што значи вистинска грижа за заедницата.
Во рамки на подготовките за Бадниковите поворки 2025, биле одржани и детски работилници кои како што велат од Општина Ѓорче Петров прераснале во вистинска лекција за љубов, вера и заедништво.
-Секоја активност, секоја изработена декорација и секој детски глас ја раскажуваше приказната за вредностите кои се негуваат уште од најмала возраст. Овие празнични денови покажуваат колку можеме кога сме обединети. Нашето Ѓорче Петров блеска со магијата на заедништвото, љубовта и искрените насмевки на сите генерации. Благодарен сум на секој поединец што придонесе да ја создадеме оваа прекрасна празнична приказна – истакна градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Тој покани и во наредните денови граѓаните да ја посетат новогодишната елка која блесна во реонскиот парк и да ја споделат празничната магија со најблиските, потенцирајќи дека општината уште еднаш покажала оти празниците се многу повеќе од декорации и светилки и дека тие се моменти на поврзување, искрени насмевки и создавање спомени кои траат.