Планините во Златиборскиот крај во Србија утрово се разбудија покриени со снег, а според мештаните врнежите почнале уште пред зори.
Снежната покривка се формирала на Златар, Тара, Јавор, Златибор, а нејзината висина во овој регион изнесува неколку сантиметри. Снег во моментов вее на овие планински падини, како и во Сјеница, Чајетина и Нова Варош.
– Најголем дел од снегот остана на планините околу 1100 метри надморска височина, така што нашите екипи најмногу работеа над Суви Бор на Златар кон Сјеница и над Тара на патот Кремно – Бајина Башта. Главниот пат низ Златибор е посипан со сол, а на коловозот нема снег – вели Ален Мушановиќ од патишта „Ужице“.
И надвор од зимската сезона, на возачите на овие простори им е потребна зимска опрема, но велат со години се навикнати на априлскиот снег, па до мај не ги заменуваат зимските гуми со летни.
Температурата во овој дел на Србија утринава се движи околу нула степени, а како што велат метеоролозите, покрај априлскиот снег наскоро ќе пристигне и априлски мраз.
Снег има и на територијата на општина Топола, Краљево, а во раните утрински часови падна и во Белград, но и кај Пријепоље, каде рано утрово имаше голем одрон на релација Ивање – Сопотница, поради што сообраќајот едвај се одвиваше.