Поради продор на многу ладен бран директно од Сибир, во Македонија, ќе дојде до формирање на секундарен снежен циклон, а температурите ќе опаднат за 10 до 15 степени.
Токму овој циклон ќе условува пообилни врнежи кои освен на повисоките населени места и на планините, ќе преминуваат во врнежи од снег во повеќето пониски места. Сето ова ќе биде проследено со повремено силен ветер од северен правец (над 65 км/час), објави Метеоаларм.
На планините ќе се формира снежна покривка од 10 до 20 cм, во делови од овие места таа ќе биде со висина дури и од над 30 cм. Што се однесува до градовите, снежната покривка особено во западните делови на Македонија ќе биде со висина од 5 до 10 cм. Во останатите делови од Македонија снежната покривка ќе биде многу мала, а снег не се очекува особено во Повардарието и во југоисточните предели.
Што се однесува до времето во Скопје, денеска ќе има врнежи, кои на околните планини, а потоа и во повисоките предели од котлината ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка, особено на околните планини. Слабо провејување на снег би можело да има и во делови од пониските делови од котлината. И во Скопскиот регион повремено ќе дува силен северен ветер (над 60 км/час).