Зимата би можела да ни пристигне многу порано од вообичаеното оваа година, и тоа веќе кон крајот на овој, и во почетокот на месец ноември, пишува метео прогнозерот Славчо Попоски, повикувајќи се најновите прогностички материјали со кои располага. Според Попоски се работи за студен бран кој преку Атлантикот и северна Европа ќе пробие до нашите краишта и драстично ќе ги спушти температурите на воздухот. Во ваква ситуација, снегот би можел да се појави и на помала надморска височина кон крајот на овој, и во почетокот на ноември месец. Не се исклучува можноста да имаме вистинска снежна идила.

Инаку, под влијание на висок воздушен притисок, антициклон и на стабилна и сува воздушна маса, во новата работна седмица, времето во Македонија ќе биде стабилно, суво и сончево, повремено со појава на мала до умерена локална облачност. Ќе биде претежно тивко и со многу постудени утра, во кои по котлините и по речните долини ќе се создаваат услови за појава на магла и на ниска облачност, објави метеопрогнозерот Славчо Поповски.

Според него, во Скопје и околината, времето неделава, исто така, ќе биде стабилно, суво и сончево, повремено со мала до умерена локална облачност, а ќе биде и претежно тивко. Наутро ќе има услови за појава на магла и на ниска облачност.

„Утринските температури ќе бидат особено ниски и ќе се спуштаат во интервалот од -3 до 7 степени, додека максималните температури ќе се искачуваат во интервалот од 17 до 24 степени. Поради ниските температури наутро, кои на повеќе места ќе се спуштаат близу 0 степени, понекаде и под нулата, ќе се создаваат услови за појава на магла и на послаб мраз. Па така, во утринските часови, доколку излегувате, задолжително да си понесете потопла облека со себе“, напоменува Поповски.