Македонија многу брзо се најде на крстопат помеѓу големите светски сили, кои со своите стратегии веќе предизвикуваат тектонски судири. Одлуката на македонските власти земјава да биде коспонзор на американската резолуција за Украина во ОН предизвика критики дека земјава за првпат отстапува од стопроцентната усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија, кон која цели. Сепак, дел од познавачите во земјава сметаат дека Македонија во изминативе три години со својот однос и посветеност кон Украина, даде несразмерно голема помош во поглед на големината на нашата армија, на нашите воени и финансиски ресурси и не може да ни се забележи поради одлуките околу резолуциите. Поранешниот прв амбасадор на Македонија во Грција и претседател на Советот на амбасадори, Љупчо Арсовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР појаснува дека одлуката на Владата е резултат и на последните кажувања за добри врски со администрацијата на Трамп на актуелната Влада, но и реакција кон Европа како Унија, со единствена надворешна политика, која за многу прашања има двоен стандард или замолчува и едноставно не коментира, алудирајќи на билатералните барања за земјава на патот кон ЕУ.
-Сепак, таа одлука не сме ја донеле потполно сами туку во договор со пријатели на Македонија блиски на претседателот Трамп. Ние го покажавме во изминативе три години, нашиот однос и посветеност кон Украина, дадовме несразмерно голема помош во поглед на големината на нашата армија, на нашите воени и финансиски ресурси… Малку тука може да ни се забележи. Ние сме за мир, против трета светска војна и употреба на нуклеарно оружје… Нема да биде на одмет и едно вакво наше однесување, ние сме во баланс со тоа нашето однесување по ова прашање изминатите три години. Во секој случај, без друго, овие одлуки што се донесени околу резолуциите се резултат и на несомнено последните кажувања за добри врски со администрацијата на Трамп на актуелната Влада и секако една реакција кон Европа како Унија, со единствена надворешна политика, која за многу прашања има двоен стандард или замолчува и едноставно не коментира, вели поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Светскиот мир како триножно столче – САД, Русија и Кина
Тој додава дека во овој момент, и потезите што ги влече Брисел се придвижување кон САД, со тоа што лидери на ЕУ заминуваат во Вашингтон на разговори со претседателот Трамп. Сето она што се случуваше во овој дел на светот е потврда дека сепак мирот мора да биде зацврстен и да биде како едно триножно столче, а тоа се Америка, Русија и Кина, вели поранешниот амбасадор.
– Има чудни стравови од повеќе причини кај некои земји за присуството на Кина, но Кина никаде не оди со оружје туку оди со економија, којашто го придвижува светот, вели Арсовски.
Тој потсетува и на големата поддршка што Америка ни ја даде после Самитот на НАТО во 2008 година, кога цела Европа беше единствена и не прифати да станеме дел од НАТО, а набргу после тоа се потпиша договорот со САД за стратешко партнерство во Загреб како утешна награда, кој сè уште е на сила и се повикуваме на тоа стратешко партнерство.

поранешен амбасадор
-Генерално земено, ние сме во континуитет во некоја надворешна политика за која никогаш не се расчисти дали е добра или лоша… Сето тоа зависеше која партија е на власт. Да не кажувам квалификации за последните 3-4 министри за надворешни работи, од кои сите си одиграа некоја улога во зависност од припадноста на партијата, врзано секако за одредени обврски кои си ги преземаа во ситуации кога нè посетуваа голем број државници за да нè врзат кон ЕУ и да нè убедат да повлечеме чекори кои ќе ни бидат полза. За жал, многу повеќе од тие чекори ги почувствувавме на горчлив начин бидејќи не очекувавме таков жесток притисок и такви големи ветувања. Некои ветувања се исполнија, а притисокот се наголемуваше за одредени прашања. Дали со некои соседи, дали на внатрешен план, итн. Во една слична ситуација, Македонија направи одредени потези кои можеби за многумина не се јасни и се чудни, меѓутоа, сепак, кога ќе се земат повеќе аспекти на позицијата на нашата земја, на нејзиниот габарит, во еден чувствителен регион, ќе се види дека некои работи, па конечно денеска и Кремљ, ја има одобрено таа резолуција, бидејќи после доаѓањето на новиот претседател на САД се случуваат тектонски придвижувања во целиот свет, а особено во овој чувствителен регион и во непосредното соседство, особено после веќе три годишното одвивање на речиси вистинска војна меѓу две земји, вели поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
СДСМ обвинува за штетата врз партнерствата со САД и ЕУ
Од опозициската СДСМ вчера преку соопштение обвинија за аматеризам во надворешната политика, што како што велат, ни донело двојна штета за стратешките партнерства со САД и ЕУ. Оттаму истакнуваат дека стратешкото партнерство со САД е од суштинско значење и треба постојано да се гради и зајакнува, додека истовремено, македонската дипломатија мора да остане фокусирана на нашиот клучен државен интерес – европската интеграција. Обвинуваат дека премиерот ја води меѓународната политика без поширока координација и консултации на важни прашања и прави огромни грешки.
-Вчерашното позиционирање на делегацијата на Северна Македонија во ОН во однос на гласањето по резолуциите на САД и ЕУ е скандалозно. Северна Македонија гласаше „воздржано“ за резолуцијата на ЕУ и беше единствена држава од Европа покрај Унгарија која не ја поддржа оваа резолуција. Дополнително, за декларацијата на САД, на којашто нашата Влада и Мицкоски одлучија да бидат коспонзор, повторно Северна Македонија гласаше „воздржано“. Ваквите одлуки, укажуваат на целосен аматеризам во водењето на надворешната политика на земјата. Со само еден потег, Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД, велат од партијата.
Во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека владата е силно посветена на зајакнување на трансатланските односи, се допаѓало тоа или не на СДСМ, за разлика од опозициската партија, кои лажно се претставувале како прозападна партија и пријател на САД.
-Претседателот Мицкоски ја унапреди соработката со САД, СДС во очај и љубомора на сопствената држава. Жално е да се каже, но соопштението на СДС за надворешната политика не е ништо друго освен извор на љубомора и очај за сопствениот политички рејтинг. СДС лажно се претставуваше како прозападна партија, а всушност е партија на комунисти, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
МНР: Не се повлекуваме од цврстата поддршка за Украина
По реакциите во јавноста во понеделникот, од македонското МНР, соопштија дека одлуката за резолуцијата за Украина не треба да биде толкувана како повлекување или промена на претходно изразените позиции, како и дека се земени предвид актуелните силни заложби на претседателот на САД и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион.
-Одлуките на Република Северна Македонија во поглед на поддршката и гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешно-политички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, нашата заложба за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и стратешкиот интерес на државата за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со нашите стратешки партнери. Донесените одлуки во врска со нашето спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции. Напротив, со нив Република Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, истовремено изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во оваа насока, од Министерството потсетуваат дека како и во изминатите три години, така и денес и во иднина, земјава останува силно приврзана кон севкупните напори на меѓународната заедница, особено на САД и Европската Унија, за што побрзо постигнување на прекин на воените дејствија и обезбедување на траен и одржлив мир, како во Украина, така и пошироко во регионот и светот.
Резолуции со политичка тежина
По повод третата годишнина од почетокот на руската инвазија, Генералното собрание на Обединетите нации во понеделникот усвои резолуција со која се осудува руската агресија врз Украина. Резолуцијата ја осудува „целосната инвазија на Украина од страна на Руската Федерација“ и ја потенцира важноста на спроведување на сите претходно усвоени резолуции во одговор на руската агресија. Истовремено, САД предложија сопствена резолуција, која не содржеше осуда на агресијата ниту повик за почитување на територијалниот интегритет на Украина. Европските земји подоцна додадоа амандмани со кои ја истакнаа поддршката за суверенитетот на Украина. Изменетата верзија беше усвоена, но САД решија да бидат воздржани при гласањето, како и Македонија која беше коспонзор на американската резолуција.
Во првичната нацрт-верзија на резолуцијата досегашната терминологија за воена агресија од страна на Русија беше заменета со воен судир и конфликт, што ја испровоцира контрарезолуцијата од Украина и ЕУ предводена од Германија и Франција. Со коспонзорството на американската резолуција, Македонија за првпат отстапи од пофалената стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Унијата кон која стратешки целиме како држава.
-Така одлучивме, да бидеме коспонзори на Резолуцијата што ја поднесуваат САД во ОН. Очекувам истата да биде поддржана од мнозинството на ОН, рече премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање зошто земјава ја поддржала американската Резолуција.
И Советот за безбедност ја усвои резолуцијата на САД со 10 гласа „за“, додека Франција, Велика Британија, Данска, Грција и Словенија беа воздржани. Русија гласаше „за“, откако не успеа да ги измени и да стави вето на европските предлози за додавање наратив што ја поддржува Украина.
Резолуциите на Советот за безбедност се сметаат за обврзувачки за сите држави-членки на ОН, според членот 25 од Повелбата на Обединетите нации, додека резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки. Сепак, резолуциите на Генералното собрание имаат политичка тежина, одразувајќи го глобалниот поглед на војната. (В.С.Н.)